Лукаревска бара Славески да одговара во Собранието
СДСМ и коалицијата бараат итна надзорна расправа во Собранието за Алта банка АД Битола, на која гувернерот Трајко Славески ќе треба да ги објасни постапките на Народната банка и причините за воведувањето привремена администрација. Пратеничката Сања Лукаревска денеска порача дека граѓаните заслужуваат одговори за своите заштеди, со посебен осврт на околу 11.000 пензионери кои, според неа, примаат пензија преку банката.

Лукаревска рече дека надзорната расправа треба да ја отвори Комисијата за финансирање и буџет, за да се утврди како постапувале надлежните институции и дали постои одговорност за состојбата во која се најдоа клиентите.
„Преку ова барање сакаме да добиеме одговори од најповиканиот, гувернерот Трајко Славевски, кој деновиве нè убедуваше дека сè е во ред“, рече Лукаревска, посочувајќи дека по тие уверувања следувала одлуката за привремена администрација.
Таа побара гувернерот да дојде пред пратениците, наместо одговорите на јавните прашања да ги дава преку објави на социјалните мрежи.
Лукаревска се осврна и на ограничувањата за располагање со парите. Посочи дека експозитурите денеска не работат, а изнесе и тврдење дека дел од клиентите не можат да ги користат картичките на банкоматите.
„Како граѓаните ќе си ги повлечат парите?“, праша таа.
Пратеничката побара објаснување и за начинот на плаќање на кредитните обврски, трансакциите што се извршуваат во банката и следната исплата на пензиите. Според неа, особено се засегнати пензионерите кои зависат од редовниот пристап до средствата на своите сметки.
Таа ја обвини банката дека претходно водела агресивна кампања за привлекување пензионери да ги префрлат сметките од други банки.
Лукаревска оцени дека неизвесноста поттикнала забрзано повлекување на средствата и дополнителен притисок врз банката. Како причина за зголемената загриженост го наведе и ставањето на Алта банка Битола на листата за набљудување на Македонската берза.
„СДСМ бара целосно расчистување на случајот, одговори од гувернерот и одговорност од сите надлежни институции. Граѓаните не смеат да бидат оставени во неизвесност, ниту да ги трпат последиците од институционалните пропусти“, порача Лукаревска.