Левица: Само прекин на преговорите со Бугарија е гаранција дека нема да биде дораспродаден македонскиот идентитет

„Досегашното искуство на Република Македонија во преговорите со соседните држави, децидно нè има научено, дека секое наредно решение и договор, како резултат на спорови заради билатерален спор, завршило во директна штета врз македонскиот народ! Изборите укажаа на немање легитимитет кај Владата за водење на преговори со трети држави, кои се од круцијално значење за македонскиот народ“. Ова меѓудругото го соопштија од партијата Левица.
Оттаму со став дека „моменталната политичка реалност индицира кон тоа дека делегитимираната Влада, сламката на спасот ја гледа единствено во отпочнувањето на преговори со Европската Унија. Раштимана од изборниот неуспех, Владата е спремна (без разлика на последиците кон македонската држава) повторно да влезе во неолибералната преговарачка машинерија и уште еднаш да ги поткопа националните интереси, заради сопствен спас на политичката сцена“.
„Решавањето на спорот со источниот сосед ја има круцијалната улога во разврската на ова прашање, при што се најверојатни се следниве две сценарија, и двете погубни за македонската нација: 1. Анекс на постоечкиот договор или нов договор, по примерот на оној со Грција, кој дополнително ја става македонската страна во подредена позиција, со севкупно прифаќањето на бугарските (ЕУ) услови, за отпочнување на преговорите! 2. Рамковната позиција, усвоена од бугарскиот Парламент во 2019 година, да влезе во преговарчката рамка на ЕУ со Македонија.И во двете возможни сценарија, останува фактот дека Бугарија нема да отстапи од своите негаторски и шовинистички барања кон Македонија“ стои во соопштението од Левица.