
Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, посочи дека подготовките за средбата на високо ниво во рамките на дијалогот на 14 септември во Брисел се одвиваат „со полна брзина“ и дека се работи на „позитивни исходи“.
Сумирајќи ја работната недела, Лајчак изјави дека е „полна со подготвителна работа“ за претстојниот состанок на високо ниво во Брисел.
– Го започнав во Брисел, каде се сретнав со посредниците на Европскиот парламент во процесот на парламентарниот дијалог со Парламентот на Србија, европратеникот Матјаж Немец и поранешниот европратеник Кнут Флекенштајн – напиша Лајчак на Фејсбук.
Во вторникот, потсети тој, се сретнал со командантот на КФОР, генерал-мајор Анџело Микеле Ристучи.
– Добро беше да размениме белешки за случувањата на терен и да ги споделиме нашите оценки за потенцијалните извори на идни тензии. Благодарен сум за виталната работа на КФОР во изградбата на безбедна средина на Косово – нагласи Лајчак.
Потоа, тој во средата се сретна со вицепремиерот и главен преговарач на Косово во дијалогот Бесник Бисљими во Брисел, со кого разговараше за подобрување и нормализирање на односите.
– Се сретнав и со Артур Лорковски, директор на Енергетската заедница, за да ги истражиме потенцијалните области на соработка и да разговараме за енергетиката во рамките на дијалогот. Со својата единствена експертиза, Енергетската заедница придонесе за енергетскиот патоказ што го усвоивме во јуни минатата година – истакна Лајчак.
Подоцна во текот на неделата, Лајчак отпатува за Берлин каде, како што вели, имал важни разговори со владата и германското Министерство за надворешни работи.
– Се сретнав со политичкиот директор во МНР Тјорвен Белман и со главниот советник за надворешна и безбедносна политика на германскиот канцелар Јенс Плотнер. Се фокусиравме на моменталната ситуација и потенцијалните иритации во дијалогот, ги споделивме нашите очекувања од средбата на високо ниво и развивме стратегија за патот напред. Посветеноста и силната поддршка на Германија и натаму се од непроценлива вредност – нагласи Лајчак.
Со британскиот пратеник за Западен Балкан, Стјуарт Пич, Лајчак размениле мислења за последните случувања во регионот, наведувајќи дека секогаш се цени оценката на Лорд Пич за безбедносната ситуација како искусен експерт во областа.
– Подготовките на ЕУ за средбата за дијалог на високо ниво на 14 септември се одвиваат со полна пареа и работиме на позитивни исходи – заклучи Лајчак.