
Мирослав Лајчак – специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Белград – Приштина денеска истакна дека војната во Украина го врати процесот на проширување на политичка агенда и оти тоа е можност за земјите од Западен Балкан.
Тој, пред почетокот на денешниот Самит за демократија во Југоисточна Европа во Будва, истакна дека војната во Украина променила се и донесе последици со кои сите мора да се соочат.
„Регионот не е сам. ЕУ е со Вас и ви помага да ги надминете последиците од војната, без оглед дали се работи за економија или социјално влијание. Имаме план како да им помогнеме на земјите од Западен Балкан. Проширувањето се заснова на заеднички вредности и важно е земјите од регионот да ги покажат тие заеднички вредности. Регионот не може да чека, тоа ни е јасно“ – посочи Лајчак.