Курти: Уништивме 69 криминални групи, затворивме 16 диви патишта на северот на Косово

Косовскиот премиер Албин Курти соопшти дека минатата година биле спроведени 854 полициски акции против организираниот криминал и шверцот, уапсени се 3.202 лица, од кои 301 се јавни службеници.

„Затворивме 16 диви патишта на северот од државата. Уништивме 69 криминални групи. Запленети се над 1,8 тони наркотични материи. Уништивме пет лаборатории за дрога на северот на Косово, вредни стотици милиони супстанции и опрема, како и три лаборатории за производство на криптовалути, исто така на север“, напиша Курти на својот Фејсбук профил.

Тој додаде дека повеќе од 14 милиони евра се замрзнати поради сомневање за злоупотреба и перење пари, според Косово онлајн.

„Одземени се повеќе од 300.000 литри гориво поради непочитување на подзаконските акти. Изградивме четири згради и полициски станици на северот на Косово и ја проширивме оптичката мрежа во тој дел од нашата земја, овозможувајќи проширување на интернет мрежата и радио комуникацијата“, нагласи Курти.