Курти за ДВ: Да се спроведе договорот од Брисел и од Охрид

Косовскиот премиер ја повикува ЕУ да ѝ се закани на Србија со повлекување на инвестициите и враќање на визите. Во интервју за ДВ, Курти вината за ситуацијата во северно Косово му ја припиша на Белград.

По неколкумесечно затишје, српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти ќе се сретнат во четврток (14 септември) во Брисел.

Курти пред средбата инсистира да се имплементира договорот постигнат во Брисел во февруари, а конкретизиран во март годинава во Охрид, РСМ.

„Тоа треба да се направи безусловно, целосно и без одлагање. Тогаш бев подготвен да го потпишам. Затоа, не смее да има сомнеж дека јас сум премиер ориентиран кон решенија“, вели премиерот на Косово, Курти во интервјуто за ДВ.

На прашањето кога ќе се формира Заедницата на српските општини (ЗСО), Курти не одговори конкретно, но потсети дека и ЗСО е дел од тој договор.

„Не сакам кршење на правата на Србите, не сакам каква било форма на дискриминација. Јас сум предолго дискриминиран како Албанец и како политички активист. Но, во исто време, тоа не може да биде привилегија со која ќе се дискриминираат другите. Ни треба еднаквост, владеење на правото и европски вредности“, рече косовскиот премиер.

Курти ги повика Србите да учествуваат во петицијата за смена на четворица албански градоначалници на општините на северот на Косово, со цел да се отвори патот за нови избори.

„Тие градоначалници имаат шуплив легитимитет, но никој друг таму нема легитимитет. На функција се доаѓа преку избори, а не преку насилен екстремизам“, рече тој.

Според Курти, ЕУ треба да ѝ се закани на Србија со повлекување на економските инвестиции и воведување визи. Тогаш, убеден е, Белград веднаш би се согласил да го спроведе договорот од Брисел и од Охрид.

„Србија не се оградува ниту од своето криминално минато од времето на Милошевиќ, ниту од сегашната соработка со Руската Федерација и со Путин. Потребно е тоа двојно растојание“, додаде Курти.

„Србија не е демократска земја, таа е предводена од автократ. Ако сте дарежливи и толерантни кон автократите, тие тоа погрешно го сфаќаат како знак на слабост и страв. Затоа морковите не делуваат.“

Како што оцени, настаните на северот на Косово одредуваат две работи кои сѐ уште се актуелни. „Прво, таканаречениот проект за размена на територии што создаде фантазија на Северот дека ќе се приклучат на Србија – тоа нема да се случи. Втората е обидот на Србија да ги дестабилизира Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, обидувајќи се да им каже на ЕУ и на САД – ‘Дајте ни нешто некаде, бидејќи сме незадоволни од насилниот распад на Југославија’. А знаеме дека тие го предизвикаа тој распад“, додава Курти.