Купуваат електронски, плаќаат кеш: Сериозни предизвици во развојот на е-трговијата кај нас

Македонија се соочува со сериозни предизвици во развојот на е-трговијата, меѓу кои ниското ниво на дигитални вештини, високата сива економија, недоволната доверба во онлајн купувањето и доминацијата на готовинските плаќања. Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија во Македонија, Нина Ангеловска вели дека регионот мора паралелно да работи на надминување на слабостите и да ги следи новите технолошки трендови.

Македонија се соочува со сериозни предизвици во развојот на е-трговијата, меѓу кои ниското ниво на дигитални вештини, високата сива економија, недоволната доверба во онлајн купувањето и доминацијата на готовинските плаќања. Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија во Македонија, Нина Ангеловска вели дека регионот мора паралелно да работи на надминување на слабостите и да ги следи новите технолошки трендови.

– Додека светот зборува за AI-агенти, хиперперсонализација и автоматизирана е-трговија, ние во регионот сè уште се соочуваме со некои основни предизвици. На пример, сè уште имаме ниско ниво на дигитални вештини околу 31 процент во споредба со 64 проценти во Европската Унија. Посебно кај напредните дигитални вештини процентот е уште помал. Македонија е на најниско ниво во регионот, со само седум проценти. Покрај тоа, имаме високо ниво на сива економија, недоволна доверба во онлајн купувањето, на која треба да работиме, како и доминација на готовинските плаќања во трговијата – изјави Ангеловска пред почетокот на денешното 9. издание на Регионалната конференција за е-трговија.

Ангеловска вели дека развојот на е-трговијата не може да чека целосно да се надминат постојните проблеми, туку е потребно истовремено вложување во дигиталните вештини, довербата на потрошувачите и примената на новите технологии.

– Не можеме да чекаме прво да ги решиме сите основни проблеми, па дури потоа да се занимаваме со иднината, рече Анегловска.

Податоците на Асоцијацијата за е-трговија покажуваат дека се уште доминираат готовинските плаќања и дека генерално повеќе од 50 проценти од трансакциите се во корист на домашните трговци, што според Ангеловска, е позитивен показател.

Сепак, со растот на глобалните платформи се зголемува и учеството на странските трговци, односно бројот и вредноста на трансакциите со домашни картички кон странство.

Според последните податоци на Народната банка, вкупната вредност на реализираните електронски трансакции во првото полугодие бележи раст од 14 проценти во споредба со истиот период минатата година.

Асоцијацијата за е-трговија има направено анализа посветена на готовинските наспроти безготовинските плаќања во е-трговијата, со цел да се утврдат можностите за забрзување на развојот на безготовинската трговија. Клучните сознанија од анализата ќе бидат презентирани на денешната конференција на која е најавено учество на повеќе од 900 учесници од 12 држави меѓу кои и глобални компании како Google, LinkedIn, Tesla и Amazon.

Според министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, постојат добри предуслови за развој на електронската трговија, со оглед на тоа што купувачите сè повеќе се присутни на интернет, а 97 проценти од малите и средните претпријатија имаат пристап до интернет.

Според него, следниот чекор е искористување на овој потенцијал преку развој на електронската трговија, дигитализација на плаќањата и унапредување на дигиталните вештини.

Министерот издвои два проекта на кои работи Министерството, а кои имаат директна поврзаност со дигиталната трансформација на бизнисите.

Првиот се однесува на формирање два европски дигитални иновациски хабови, наменети за поддршка на малите и средните претпријатија. Едниот се реализира во соработка со Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), а вториот преку проектот „ДигитМак“.

Првиот хаб функционира околу година и пол, при што досега повеќе од 60 компании добиле дигитални процени, патокази за трансформација и обуки, а вториот проект е насочен кон дигитализација на трговците.

Како конкретен пример, министерот ја посочи иницијативата во Битола, реализирана во соработка со Стопанската комора во Битола, Комората на угостители, две македонски банки и Visa.

– Станува збор за целосна трансформација на повеќе од 90 мали и средни претпријатија. Ова искуство нè поттикна и нè инспирираше слични чекори да преземеме и во други делови од државата, секако, во соработка со партнери како Visa, банките и другите организации, посочи Андоновски.

Посочи дека ова искуство претставува поттик за спроведување слични иницијативи и во други градови и региони, во соработка со банките, Visa и останатите партнери.