Властите во Скопје наредија претрес на Културниот центар „Иван Михајлов“. Со ваков наслов на текст, подоцна преземен и од други медиуми, бугарски Бгнес објави дека на 4-ти август во 12 часот Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) ќе врши претрес во бугарскиот културен клуб во Битола, за што претходно бил известен претседателот на здружението, Љупчо Георгиевски. Притоа медиумот објави и дел од писмото што го испратила КСЗД.
„Додека трае постапката по кој било предмет, КСЗД не дава подетални информации, почитувајќи го правото на презумпција на невиност, но и почитувајќи ги одредбите од Законот за заштита на лични податоци“, објаснува Весна Бендевска, членка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Но, во конкретниот случај, за предвидениот предмет, јавноста беше известена од бугарски медиум(и), а притоа, случајно или не, без дистинкција меѓу „увид“ и „претрес“.
„Интересно е што во бугарскиот медиум беше објавен и дел од официјалната писмена комуникација меѓу КСЗД и Здружението, што упатува на веројатноста дека тие им ја обезбедиле истата. Во овој момент, Комисијата, без да навлегува во детали, може да потврди дека на 28.07.2022 година го известила Здружението дека на 4-ти август, во 12 часот, ќе изврши непосреден увид во нивните простории, иако има право да врши и ненајавени увиди, доколку процени дека тоа е неопходно. Во овој случај, проценката беше дека увидот треба да се најави за да се обезбеди присутност на членови од таа организација. Наводите што ги пласираше бугарскиот медиум кои имплицираа дека ‘власта ќе изврши претрес’ во тоа здружение, се паушални и неточни“, вели Бендевска.
Таа е известителка за овој предмет, во кој се постапува по претставка добиена од Здружение на граѓани.