
Кос од Блед: Кандидатите за членство мора да добијат јасен сигнал дека ЕУ е подготвена за проширување
Кандидатите за членство во Европската Унија мора да добијат јасен сигнал дека ЕУ сериозно мисли на проширувањето и дека е подготвена за него – изјави денеска еврокомесарката за проширување Марта Кос на Бледскиот стратешки форум (БСФ).
Кандидатите за членство во Европската Унија мора да добијат јасен сигнал дека ЕУ сериозно мисли на проширувањето и дека е подготвена за него – изјави денеска еврокомесарката за проширување Марта Кос на Бледскиот стратешки форум (БСФ).
– Кандидатите за членство мора да добијат јасен сигнал дека ЕУ сериозно мисли на проширувањето и дека е подготвена за тоа – изјави Кос на панелот насловен „Проширување или маргинализација?“, пренесе словенечката новинска агенција СТА.
Според Кос, проширувањето не е можно без поддршка од европските лидери.
– Секако, земјите кандидати прво мора да ги исполнат условите за членство; проширувањето ќе се одвива врз основа на постигнатите резултати, но и европските лидери мора да бидат подготвени да го поддржат проширувањето. Истовремено, лидерите на земјите членки во своите држави мора да објаснат зошто овој процес е важен, бидејќи треба да се зборува и за тоа дека во земјите членки постои страв од проширувањето – истакна Кос.
Црногорскиот министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ оцени дека војната во Украина покажа оти процесот на проширување „не е само прашање на реформи, туку и прашање на безбедност“.
Црна Гора, која заедно со Албанија најмногу напредуваше во процесот на пристапување кон ЕУ, сака да ги заврши преговорите со Брисел до крајот на годината.
На панелот учествуваше и албанскиот министер за Европа и надворешни работи Ферит Хоџа, кој истакна дека доколку првата земја што ќе ги исполни условите влезе во ЕУ, тоа би го „прекинало маѓепсаниот круг“.
– Тоа би била вистинската порака до земјите – откако ќе ги исполнат условите, ги очекува членство во ЕУ. Проширувањето е двонасочен процес – домашната задача мора да ја завршат и земјите кандидати и ЕУ, која во случај на нов застој би го изгубила својот кредибилитет – додаде Хоџа.
Слично истакна и државната секретарка за европски прашања во словенечкото Министерство за надворешни работи, Тамара Вајнгерл Пожар, која оцени дека ЕУ во процесот на проширување мора да остане веродостојна.
– Словенија и натаму ќе биде силна поддршка за проширувањето, како во случајот со земјите од Западен Балкан, така и со Украина и Молдавија, со нагласок на начелото на еднаков третман и исполнување на условите – рече таа.
Говорниците, меѓу кои беше и претставничката на германското Министерство за надворешни работи Натали Каутер, се согласија дека претстојните недели и месеци ќе бидат клучни за прашањето на проширувањето на ЕУ, во пресрет на самитот на ЕУ во октомври и објавувањето на годишниот извештај на ЕУ за проширувањето.
– Наша задача е да ги убедиме Европејците дека проширувањето на ЕУ не е важно само за Западен Балкан, туку е во национален интерес на сите земји членки. Многумина се сомневаат во натамошното проширување на ЕУ, затоа е толку важно да успеат двете водечки кандидатки, Црна Гора и Албанија. Ако проширувањето не успее, цената нема да биде висока само за Западен Балкан, туку и за ЕУ – истакна Каутер.