Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и генералната секретарка на Советот на ЕУ, Марија Пејчиновиќ Буриќ остварија средба каде фокус ставија на недискриминација, различност, инклузија и современите прашања што ги поставува дигитализацијата.
Од Министерството за култура информираат дека Костадиновска-Стојчевска на средбата ги истакнала комплексноста и предизвиците со кои се соочуваат во обезбедувањето целосна инклузивност во законодавството и унапредување на човековите права во земјава на патот кон членство во Европската Унија.
Разговорот околу носењето на Законот за родова еднаквост е од исклучителна важност, чекор кон обезбедување еднакви можности за сите жени, истакнала министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска зборувала за значењето на инклузијата на жените Ромки и револуционерниот Национален акционен план за жените Ромки во нашата држава.
Мораме да се справиме со брзото ширење на дезинформации и говор на омраза преку дигитални платформи, современ предизвик со кој се борат многу европски земји, рекла министерката.
Таа говорела и за потенцијалот за вклучување на Македонија во Културните рути и можностите што ги дава оваа платформа за поврзување на земјите од регионот и Европа.
Ние сме желни да ја зголемиме нашата културна размена и интеграција, и како такви, со радост ја прифативме поканата да учествуваме на изложбата за дигитална уметност „Слободно да создаваш – создавај за да бидеш слободен“ со две избрани уметнички дела, порачала Костадиновска-Стојчевска.
Во соопштението се посочува дека Костадиновска-Стојчевска, останува посветена на негување на инклузивна култура и искористување на можностите за културна размена и дека верува оти ваквите иницијативи ќе промовираат разбирање, еднаквост и напредок додека Македонија продолжува на својот пат кон членство во ЕУ.