Колумна на професор Ана Чупеска: ПЕКОЛНИ ПЛАНОВИ?!

Тешкото одвојување и предавање на власта, знаеме сите, е една авторитарна карактеристика која несомнено ги следи ВМРО-ДПМНЕ. Ако, ги заборавиме лудите идеи на шарлатанот Брат Љубе во 2002, кога по поразот на изборите имаше обиди за насилство врз институциите кои за среќа не му пројдоа; не ги забораваме и сведочевме на судски процеси врзани за пеколниот план на непредавањето на власта во 2016-2017. Тоа непримопредавање траеше, горе доле околу една година, а главна ѕвезда на апсурдот беше Трајко Вељановски во улога на Претседател на Собранието.

Ефектот од ова, заврши со ударот врз уставниот поредок познат како 27 април. Тука, дозволете да потсетам, повторно, дека на овој чин му претходеа месеци и месеци, протести, контрапротести, но и драматични поетски читања под наслов „ноќ на ножевите”; хистерични албанофобни фанатичности, како „Тиранска платформа“, уроти, завери сл. Денес, да не им пречи Приштинската врска. На истите овие, де…

Но, имаме сега уште еден субјект, залепен за институциите. Погодете кој е?

Не можам да сфатам зошто толку очајно изгледаат нивните постизборни активности, особено оние низ кои провејува заканувачката нота. Ред закани, ред ЕУ; Ред солзи, ред мрсоли…
Па и декларации и што ти знам уште што не?! Не е ваљда дека очекуваат овие од ЕУ да им речат на ВМРО : „ај бе жити се стајте ги во Влада, нема смисла, супер се дечкиве, а и да не плачат…”. Многу инфантилно! Како ВМРО да Ве менторирале, личите.

Ваквиот однос и реторика на Евро-фронтистите, станува уште понагласена, со одбивањето на Талат Џафери да ја напушти позицијата на технички премиер, дури и по цена и низ процедура да му се одземе пратеничката функција! WHY?

И сега легитимно е прашањето: што е тоа што го тера Талат (кој за воља на вистината, добро се носеше со функцијата Претседател на Собрание! Извонредно; би рекла!) на вакви очајно – хумористични потези?

Не е ваљда дека нашол начин и дека има намера да го достигне престигне Емила?!
Следствено, еве едно, најдиректно прашање: дали политичарите во сега „Вашата“ држава коваат пеколни планови?

Прашувам, затоа што господата од ЕФ, се толку бесни, што организира идикативен перформанс на ПАРА СОБРАНИЕ. И перформансот, симпатичен, вистина, но, со очигледна намера да ги провоцира ВМРО-ДПМНЕ. Тие, пак се лесно запалливи и осетливи на темата. Докажано и низ судството. Зарем ова не го антиципирате?!
И што е најважно, радикализираните говори на тој собир се навистина за срамота.
Дозволете да укажам:

Прво, како е можно од страна на ЕФ сите Македонци да бидат етикетирани дека се исти: албанофобни?! Кога не се!

Второ, сите Македонци не учествуваат во Владата, и не се претставени од партијата ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу Македонците има и такви кои НЕ СЕ ПРЕТСТАВЕНИ, и кои се срамат од политичарите – генерално.

Трето, сите македонски партии имаат многу значајни меѓусебни разлики. На пример, СДСМ се уште е мултикултурна, и инклузивна, додека другите не се, и СДСМ, не се одговорни за формирањето на Владата. Јасна е имено големата разлика КОНЦЕПТУАЛНА меѓу двете најголеми македонски партии: точно по однос на мултикултурата! Vershtehen?

Четврто, меѓу граѓаните од македонска етничка припадност има голем број нексенофобични и граѓански ориентирани субјекти, кои ги заболе уво за етничката, или било која друга разлика и се со широк спектар на соц-либерална вредносна платформа и се борци за човековите права! Тие јасно и јавно се спротиставуваат на македонскиот етно-национализам! А сега ќе ги натерате да се бават и со албанскиот национализам.

Сакам да ги прашам од овој Европски Фронт: од каде Ви е правото, на такви пеколни реторички скаламуции мобилизирани во ФРОНТ, па да ги етикетира сите Македонци како да се албанофоби?! Која е целта на тие навреди?!
Се сложувам дека албанофобијата е во пораст, но, никојпат нема да се сложам дека сите Македонци се исти, и дека сите Македонци се албанофоби!
Не сте во право!

Се сложувам и сум длабоко убедена дека аргументот за мајоризацијата е точен и исправен, и дека мнозинството нема право да „избира” свои Албанци; но, овој аргумент во нашата политичка историја веќе беше двапати истретиран како тоалетна хартија (со ваше учество), што неформалното консоцијативно правило на „победник со победник”, престана да биде правило воопшто.

Најважно, и најпеколно; на линија на 45-те степени во најава.

Дали од Европските фронтови, намерно се пукаат провокативни куршуми кои се лесно запалливи за албанофобното македонско население, доминатно претставено во ВМРО?! И обратно?! Дали синхроните етно-наци реторички екскурзии, веќе не се ни екскурзии; туку се плански?!

Дајте не се глупирајте, терате натпревари со ВМРО, во етно-наци образци, кои се крајно неодговорни, и на прогресот му се чинат како да се готви пеколен план.
Ние што не сме етнонационалисти, сакаме напредок и демократски развој, и подеднакво ги доживуваме за смртоносни ваквите експозиции без разлика од која страна се сервирани (мкд или алб).

Зарем не е доста од ова?!
Дали се враќаме во 93та?