Колумна на Александар Бежовски: Распад на СДСМ е штетен за Македонија

После поразот на СДСМ на последните избори се изредија многумина, па и видни членови и функционери од минатато и сегашноста за да „го прогласат СДС за умрено“, а сето на задоволство на Максим Димитриевски од ЗНАМ, секако структури блиски на Бранко Црвенковски, еден од поранешните претседатели на СДСМ со замрзнато членство и секако на разни други структури блиски на идната власт.

На поразот, секако, најмногу кумуваа претходното, но и актуелното раководство на СДСМ, членовите, но и самата меѓународната заедница за која што, реално, СДСМ искрвари за да ги донесе отстапките кои што беа барани и мораше да се направат за да Македонија прво влезе во НАТО и да ги отпочне преговорите за полноправно членство во ЕУ.

Притоа не треба да ги занемариме и фактите дека за време на мандатот на СДСМ покрај тешката одлука за промена на името преживеавме глобална пандемија и живееме во најголемата економска криза по Втората светска војна, а сето тоа на работ од можна Трета светска војна, во голема економско-енергетска криза со огромна инфлација.

Исто така треба да потенцираме дека европските лидери не го исполнија ветувањето дека промената на името во Северна Македонија ќе значи автоматски влез во ЕУ и поставија дополнителен услов, прво наречен бугарски, па преименуван во француски предлог за внесување на Бугарите во Уставот пред да отпочнат преговорите со ЕУ.

Со таа своја постапка западните лидери го осудија СДСМ на пропаст и губење на изборите, во услови кога партијата во спроведувањето на власта крахираше во борбата против корупцијата и инфлација за обвинувања за наводна висока корупција на нејзините функционери, отстапките направени кон ДУИ, итн, итн.

Причините за поразот ќе се согласиме дека се многубројни и верувам дека се општо познати, а како врв на апсурдите, на пример, е обвинувањето од страна на Бранко Црвенковски за висока корупција во СДСМ, а кој што исто како и Марјан Ѓорчев, со прогласување на Колишевски за најголем Македонец, си ги припиша позитивните придобивки што е во согласност со политичките потреби и интереси, а го оставија баластот на мрачната транзиција да остане во СДСМ, притоа надевајќи се дека народот заборавил дека транзиција започна во времето на Бранко Црвенковски, а беше заокружена од страна на Марјан Ѓорчев, како поранешен директор на Агенцијата за приватизација избран од ВМРО-ДПМНЕ, сегашен стратегиски партнер на Христијан Мицкоски. Некому касно после изборите му текна да пушти и архивски снимки што не потсетија дека Силјановска-Давкова во 1990 година била против независна Македонија, но тогаш за тогаш, сега за сега, а народот заборава.

Да продолжам и да се вратам на настаните кои што претстојат во СДСМ согласно со статутот, поточно конгресот кој што претстои во партијата по одржаните претседателските и парламентарните избори.

Централниот одбор, доколку сака да го спаси СДСМ, ќе мора да поднесе предлог до вонредниот конгрес за измена на членот од статутот за избор на претседателот на непосредни избори и да го врати старото решение за избор на претседател на конгрес. Колку и да се напаѓа тој потег од „лутите“ и разочарани противници на актуелното раководство, тоа е единствената здраворазумска опција за да се спаси партијата, да се спречи понатамошно раситнување, но и да спречи евентуално непријателско преземање од страна на структури блиски до ЗНАМ, Заев, БЦ и други заинтересирани структури на пример.

Не треба никого да го плашат евентуалните негативни реакции на пример на Шеќеринска или на Шилегов за „враќање назад“, затоа што како прво им е завршена политичката кариера, а второ тие се тоа што се поради СДСМ, а не обратно.

СДСМ неопходно и треба на Македонија и на демократијата за да се спречи, да не се дозволи распад на опозицијата како тоа што се случи во Србија, а конкретно мислам на ДОС, сето тоа во моменти кога после големата победата на ВМРО – ДПМНЕ и Силјановска се слушаат се погласни најави на режимските јастреби, најави, аспирации и манифестации за најава на реваншизми и освета како зародиш на режим сличен на тој на Вучиќ во Србија, повторување, но полошо и поопасено од режимот на Груевски, кој што тешко го преживеавме, а сето тоа изградено на анти НАТО реторика и евро скептицизам.