Колумна на Александар Бежовски: Дали Мицкоски ќе биде новиот Заев?!?!

Голема победа на парламентарните и претседателските избори не беше очекувана ниту од самиот Мицкоски.

Од јавни настапи по победата може да се види дека сериозно ја сфатил својата нова улога и тежината на самата позицијата на премиер и веројатно си припомнува на советот на еден од неговите предходници, Љубчо Георгиевски, кога пред да се смени името, јавно му порача да ги остави СДСМ да го решаат спорот за името, за да не мора да го решава тој подоцна.

Јасно е како ден дека сега, пост фестум, Мицкоски сфаќа дека требаше да ги остави СДСМ да ги внесат и бугарите во уставот и со тоа да се затворат тешките прашања и секако победата и мандатот да му бидат мирни и чисти без последниот тежок предизвик за Македонија. Предизвик кој што сега виси како камен околу вратот на Мицкоски.

Историјата си поигра и токму пробугарската партија со просрпско раководство, составено од бугарофили ја доби „честа и довербата“ да ги внесе Бугарите во Уставот на Македонија и покрај јавното ветување дека нема да има Бугари во Уставот под бугарски дикатат.

Да се потсетиме дека внесувањето на Бугарите во Уставот е услов за отпочнување на преговорите за полноправно членство на Северна Македонија во Европската Унија.

Со право ќе кажат многу аналитичари дека бугарското прашање е потешко од решавањето на спорот со Грција и дека ќе биде тежок товар за Мицкоски и секако сериозно ќе наштети на неговиот рејтинг во иднина.

Видовме дека на последното интервју беше смирен и внимателен, најави „Цилевска“ милијарда од непознати кредитори, но најави и статус кво по однос на бугарското прашање и со тоа на самата евроинтеграцијата, па нели ги доби гласовите од граѓаните со тврдењето дека нема да има промена на уставот под бугарски диктат.

Но, секако погрешно проценува дека ќе ја има комоцијата на Груевски, цели 11 години да ги одложува тешките одлуки наложени од страна на нашите меѓународни сојузници и партнери..

Првите пречки за Мицкоски се исправаат токму околу преговорите за составот на идната Влада, тој започна да ги води со коалицијата Вреди, а читаме дека истите запнале околу бројот на министерствата и идниот претседател на собранието.

Исто така има реакции на исклучувањето на ДУИ од преговорите за новата влада на што остро негодуваа токму Османи и Ахмети, Османи му порача на Мицкоски дека Влен може да ги кани само по дома или во кафана, а Талат Џафери, порача дека: „Дали ДУИ ќе влезе во идната влада ќе зависи токму од преговорите со Влен.“

Мое мислење е дека се уште не е затворено прашањето за можна коалиција со ДУИ.

Секако дека е комплетно не јасно, како Мицкоски и ДПМНЕ планираат да го факторизираат Вреди, да може да парират и да се борат со длабоката држава на ДУИ, градена речиси 20 години, со давање на небитни ресори на коалицијата Влен..

Се чини дека Мицкоски и ДПМНЕ заборавиле на двете клучни барања на сите албански партии пред изборите како услов за состав на новата влада, а тоа е : внесување на бугарите во уставот и избор на претседател во собрание и секако на другите барања, кога веќе ќе се отвара уставот, нели?!

Суверенистите од неговата партија, но и некои удбашки порталчиња го храбрат Мицкоски да не ги есапи барањата на Влен и да им понуди опција, прифати или отфрли за понудените ресори и да потенцира дека би можел да состави влада само со ЗНАМ затоа што никаде не пишувало дека морал да состави влада со албанци, без при тоа да помислат дека таквиот наратив не враќа во минатото, во 2001 година.

Јавноста беше сведок на тврдата реториката во кампањата и на Мицкоски и на Сиљаноска, како и на фактот дека многу политичари од опозицијата не го рабираат новиот карактер на државата и обврските преземени со Рамковниот и Преспанскиот договор, на тие факти уште пред кампањата обрна внимание и апелираше американскиот Стејт департмент. Денеска од Грција пристигнаа најави дека ќе ја следат со внимание инагурацијата на Сиљаноска од причина што таа кажа во кампањата дека нема да го користи новото име на државата.

Честитката од амбасадорката Агелер за победата на Мицкоски која што изостана секако треба многу да ги загрижува во ДПМНЕ, а личи дека не е така?!

Доколку Мицкоски не ја сфатил сериозно позицијата во која што се наоѓа од меѓународно правен аспект веројатно, ќе ја сфати многу брзо и ќе увиди дека е комплексна, особено кога ќе почне кадровски да ги пополнува ресорите и ќе мора да предложи поумерени кандидати за министри. Сето тоа ќе доведе до страшно разочарување кај гласачите и членовите кои што ќе мора да ги разочара и нема да биде во можност да ги исполни своите дадени, безброј, ветувања. Многу ветувања, малку ресори.

Ќе се потсетиме дека во текот на кампањата во 2016 година, Заев се колнеше во „жицата“, најмилото и тврдеше дека нема вистина во обвинувањата изнесени од страна на Груевски дека договорил промена на името на Македонија, но се случи токму спротивното.

Може да заклучиме дека сите постапки на Мицкоски може да најавуваат дека ветил внесување на Бугарите во Уставот, а се обидува да тактизира, но факт е дека по карактер е неодлучен и на таков начин почнува да го троши својот мандат, за време во кој што веќе се наѕира дека ако Заев беше „предавникот“ што го смени името, веројатно Мицкоски ќе биде „предавникот“ што ќе ги внесе Бугарите во Уставот.