Премиерот Димитар Ковачевски на Фејсбук ги повика пратениците и политичките партии во Собранието што поскоро да го изгласаат законот за минималната плата.
„Ги охрабрувам пратениците во Собранието и политичките партии да дадат поддршка и што поскоро да го изгласаат законот за минималната плата. Граѓаните од нас очекуваат ефикасност и не смееме да дозволиме одложување на носењето на ова решение кое од огромно значење за работниците со ниски примања во време на криза. Ја повикувам опозицијата и нејзините пратеници да дадат поддршка на оваа верзија на законот и кончено да демонстрираме заедништво за одлуки важни за граѓаните. Платите ќе продолжат да растат и во иднина, исто како и пензиите бидејќи сега е време секој денар од буџетот да го насочиме за финансиска поддршка на граѓаните и стопанството“ напиша Ковачевски.
Во врска со одлуката на Русија за признавање на Доњецк и Луганск, пишува:
„Ја осудувам одлуката на Русија за признавање на Донецк и Луганск како самонаречени „Народни Републики“. Ваквиот чин е директен напад врз територијалниот суверенитет и интегритет на Украина и кршење на договорите од Минск и одлуките на Советот на ООН од 2015. Заедно со НАТО сојузниците повикуваме на решавање на конфликтот по дипломатски пат“