И денеска расправа за Закон за минимална плата во Собранието

Денеска на пладне во Собранието треба да ја продолжат расправата за Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој минималната плата ќе изнесува 18.000 денари. Вчера на почетокот на расправата, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, образложувајќи го Предлогот на закон рече дека тој е подготвен во дијалог со работодавците и работниците, и е донесено решение кои го поддржуваат сите – минималната плата да биде 18.000 денари.

„Законот ја утврдува минималната плата, која за месец март, заклучно со исплатите за март, треба да биде во висина од 18.000 денари. Државата мисли и на работодавците. Во самиот Предлог закон е предвидено државата ќе ја покрие целокупната разлика во делот на придонесите за минималната плата, која во моментов е 15.200 денари, до онаа која ќе се исплаќа од март а која ќе изнесува 18.000 денари. Предвидено е работодавците да се поддржат во периодот од март до декември 2022 година“ речеТренчевска.

Таа нагласи дека очекува порастот на минималната плата да влијае позитивно за порастот и на останатите плати, со што, како што рече, ќе се подобри стандардот на граѓаните.

Пратениците од опозициските партии на собраниската говорница истакнаа дека жалат што мнозинството не ги прифатила нивните амандмани за подобрување на текстот на законот и за скалесто покачување на платите во јавниот и во приватниот сектор. За пратениците од владејачкото мнозинство, овој закон е од големо значење, како што посочија, со кој се излегува во пресрет на работничките права и на нивното унапредување.

Со измените, минималната плата се зголемува од сегашните 15.200 денари на 18.000 денари. Измените уследија по договорот постигнат на 7 февруари по неколкуте одржани состаноци на Економско-социјалниот совет во кој членуваат синдикатите, работодавачите и Владата.

Минималната плата ќе биде зголемена од март што значи дека во април околу 80.000 работници ќе земат минимална плата од 300 евра.