Ковачевски: Сите процеси се на некој начин комуницирани со Брисел

Сите процеси што се одвиваат кај нас се на некој начин комнуницирани со Европската Унија (ЕУ), изјави премиерот Димитар Ковачевски откако, одговарајќи на новинарски прашања на настанот во Општина Карпош, беше прашан за коментар за ставот на Европската комисија во врска со усвојувањето на измените во Кривичниот законик што пред една недела беа експресно изгласани во македонското Собрание.

Портпаролката на Европската комисија, Ана Писинеро, вчера во изјава за ТВ 24 изрази жалење поради недостиг на консултации со Европската комисија пред усвојувањето на измените во Кривичниот законик, како и за употребата на европското знаменце во парламентарната процедура.

Европската комисија загрижена поради измените во Кривичниот законик: Ќе влијаат на голем број случаи на висока корупција

Коментирајќи го ставот на ЕК, Ковачевски рече дека ако некој разговара со Европската Унија, па дури и на дневно ниво, тогаш тоа е С Македонија бидејќи, како што додаде, заедно со Албанија во моментов го води скринингот.

„Така што, сите процеси што се одвиваат кај нас се на некој начин комуницирани со ЕУ“, рече премиерот одговарајќи на новинарски прашања.

На новинарска забелешка оти Комисијата изразува жалење поради употребата на европското знаменце во процедурата за усвојувањето на измените во КЗ, Ковачевски рече дека во ставот на Брисел никаде не се наведува дека е злоупотребено, туку дека е употребено знаменцето на ЕУ.