Ковачевски: Сите во ВМРО-ДПМНЕ да одат на факултет и да научат што е тоа инфлација!

„И кога ќе видам соопштение од ВМРО-ДПМНЕ дека јас сум донел инфлација, тогаш треба сите таму да одат на факултет и да научат што е инфлација и како се формира инфлација. Таква сериозна партија треба да помогне во кризата, а не секое утро да пласираат соопштенија за тоа како Ковачевски е виновен за инфлацијата, попладне да бараат избори а не понудат ниту едно решение“.

Ова меѓудругото премиерот Димитар Ковачевски го рече во интервју за Канал 5 телевизија откако истакна дека Владата ги замрзна цените на основните продукти за да спречи ценовен шок од инфлацијата која сега се случува на светско ниво.

„Донесовме одлука за замрзнување на цените, за да спречиме ценовен шок со порастот на цените на основните продукти за граѓаните. При носење на оваа мерка кажавме дека состојбата ќе се следи и идните мерки ќе се носат согласно податоците од Државниот завод за статистика за секој нареден месец. Мора да се води сметка дека ако одреден производ е од узов и неговата цена се формира надвор од државата, тогаш мора да се земе во предвид дека со замрзнување на неговата цена може да доведе до негов недостаток на пазарот. Имаме разбирање и од компаниите кои вршат увоз кои се сложија да ги сведат на нула нивните маржи со цел да помогнат во надминување на оваа криза“ посочи Ковачевски.