Ковачевски: Владата нема да дозволи да има ценовен шок за граѓаните

Во моментов се прават калкулации за евентуалната цена на електрична енергија од 1 јануари, но Владата нема да дозволи да има ценовен шок за граѓаните, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

„Она што во моментов се прави е калкулациите и дискусиите на релација на задолжените министерства и задолжените претпријатија во државата во поглед на определувањето на цената на електрична енергија за идното полугодие почнувајќи од 1 јануари. Клучно е, повеќе елементи има во цената на електричната енергија бидејќи ЕСМ не произведува електрична енергија само за ЕВН Хоум, туку тоа произведува електрична енергија и за загубите во мрежа и исто така за делот којшто е потребен и за дистрибуција, што значи дека не може да се каже дали една цена ќе биде 48 евра, туку се работи за три ценовни категории коишто влијаат на финалната цена која што ја добиваат купувачите“ рече Ковачевски.

„Можам да потврдам дека Владата нема да дозволи да има ценовен шок за граѓаните“, истакна премиерот.

Премиерот рече дека не може да ја знае финалната цена на струјата, но дека ќе нема ценовен шок за граѓаните.