Во првото тв интервју по изборот за претседател на Уставниот суд, Добрила Кацарска за емисијата Трилинг уште во јули годинава апелираше дека е потребно што поскоро да бидат избрани дополнителен број на судии во Уставниот суд.
На прашање „Дали можат да се стават под знак прашање одлуките и издржаноста со намалениот број на судии, се додека не се изберат тројцата судии“, таа вели:
„Секоја одлука која ние ќе ја донесеме има легитимитет, затоа што одлуките може со 5 гласа да ги донесеме. Многу одлуки се донесени со 5 гласа. Никој не може да оспори таква одлука. Проблемот е во друго. Друго е кога 9 судии го кажуваат своето мислење, има поголема тежина. Може еден од тие тројца, од тие нови судии, да не убеди дека неговото мислење е поисправно“.
За одлуката на уставните судии да ги земат додатоците на плата, Кацарска гласала против, со 8 гласа „ЗА“ и еден против – токму нејзиниот.
„Наведов, се откажувам од тие надоместоци затоа што според мене тие се незаконски, не може со деловник ние судиите да си доделиме додатоци на плата. Точно е дека 2007/08 година се донесе закон за плати на судиите, закон за плати на јавните обвинители, за уставните судии таков закон не е донесен, тоа е пропуст на државата. Не може Уставен суд да има еднаква или помала плата од Врховен суд“ децидна е Кацарска.
Во врска со евентуалните политички притисоци, таа е децидна:
„Се што е пропуштено да се направи во Уставен суд – јас ќе го направам, без оглед на тоа дали граѓаните ќе ме поддржат или не, дали мојот рејтинг ќе се зголеми или намали, битно е да се почитува законот. Не сакам предмети да се чуваат, кои со години се чувале, не се решавале. Дали на некоја политичка елита тоа ќе и одговара, дали на некои личности ќе им одговара таквиот начин на работа, не ме интересира. Во мојот кабинет ниту еден предмет нема да чека некое подобро време за да биде ставен на седница. Ние ги трошиме парите на нашите даночни обврзници. Ветив дека никој и ништо не може да ме поколеба за таквиот начин на работа, секоја одлука ќе ја носиме заедно“ рече претседателот на Уставен суд – Добрила Кацарска во изданието на „Трилинг“ од јули годинава.