Како земјите од Балканот се борат против енергетската криза
Европскиот енергетски пазар повторно е под влијание на трендот на незапирлив раст на цените, а најмногу на цената на енергетските производи, а со тоа и поскапувањето на струјата и парното. Ниту една земја, дури ни помоќните, не е имуна на тоа.
Да биде уште понеизвесно, анализите и очекувањата на експертите за наредниот период не даваат надеж, а сите укажуваат дека кризата не стивнува, туку се разгорува. Но, државите не седат со скрстени раце и некои од нив презедоа мерки за спречување натамошно поскапување. Државите или ги делат трошоците за сметките со своите граѓани или ги намалуваат даноците, или пак ги замрзнуваат цените.
Владата на нашата земја одобри финансиска поддршка за социјално ранливи категории граѓани за справување со енергетската криза, предложена од Министерството за труд и социјална политика.Финансиска поддршка од 3.000 денари месечно во период од четири месеци, започнувајќи од ноември, ќе добијат:
– корисници на право на социјална сигурност на стари лица;
– корисници на посебен додаток;
– корисници на правото на надоместок заради попреченост;
– лица со попреченост и трајни промени во здравствената состојба, кои користат надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат право на надоместок заради попреченост;
– самохрани родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош.
И за невработени лица – корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместо -, е предвидена финансиска поддршка од 3.000 денари месечно, за период од четири месеци.
За корисниците на право на пензија во висина до 14.000 денари е предвидено:
– финансиска поддршка од 1.500 денари месечно, за период од четири месеци, за оние што земаат пензија не поголема од 11.525 денари месечно;
– финансиска поддршка од 750 денари месечно, за период од четири месеци, за корисниците што оствариле доход по основ на пензија во висина од 11.526 денари и не поголема од 14.000 денари месечно.Финансиска поддршка од 750 денари месечно, за период од четири месеци, е предвидено да добијат и корисниците на право на надоместок за телесно оштетување.