И ДКСК го оспорува предлог-законот за „Скопје – Европска престолнина на културата“

„Обезбедувањето интегритет, законитост, транспарентност и отчетност при трошењето на јавните средства претставува основен предуслов за заштита на јавниот интерес и за спречување на ризиците од корупција. Секое законско решение со кое се предвидува исклучување или ограничување на примената на системските закони, особено на Законот за јавните набавки, мора да биде јасно, детално и убедливо образложено од аспект на јавниот интерес, неопходноста од ваквото исклучување, неговата пропорционалност и воспоставувањето на ефикасни механизми за спречување на корупцијата и злоупотребата на јавните средства“, велат од ДКСК.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) реагира по најавата дека Собранието по скратена постапка ќе гласа за предлог-законот за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година“.

Предлог-законот, кој е на денешниот дневен ред во Собранието, поднесен од група пратеници, предвидува Градот Скопје да основа посебна фондација која при своите набавки нема да биде обврзана да го применува Законот за јавни набавки. Предлагачите тврдат дека за спроведување на ваков проект е потребен посебен модел на управување кој ќе обезбеди професионална и програмска автономија.

Антикорупционерите велат дека носењето на закони по скратена постапка со кои се заобиколува примената на системските закони веќе е препознаено како висок ризик од корупција.

„Обезбедувањето интегритет, законитост, транспарентност и отчетност при трошењето на јавните средства претставува основен предуслов за заштита на јавниот интерес и за спречување на ризиците од корупција. Секое законско решение со кое се предвидува исклучување или ограничување на примената на системските закони, особено на Законот за јавните набавки, мора да биде јасно, детално и убедливо образложено од аспект на јавниот интерес, неопходноста од ваквото исклучување, неговата пропорционалност и воспоставувањето на ефикасни механизми за спречување на корупцијата и злоупотребата на јавните средства“, велат од ДКСК.

На предлагањето на оваа фондација реагираше пратеничката на Левица Јована Мојсовска која го нарече предлог законот криминал на деценијата:

„Денес во Собранието на дневен ред е закон кој претендира да биде криминал на деценијата, па дури и да го надмине „Бехтел и Енка“! Вмровската криминална власт ќе формира посебна фондација за проектот “Скопје европска престолнина”, како посебен закон со кој се ЗАОБИКОЛУВААТ сите правила кои важат за тендерите и каде нема никаков механизам за контрола на трошење на 20 милиони евра народни пари.

Законот за фондацијата го устоличува Орце Ѓорѓиевски за “крал”, каде само градоначалникот има дискреционо право да именува управен и надзорен одбор на фондацијата и само тој да врши контрола – без никакво учество на Советот на Град Скопје.

Најголемата иронија е што Орце постави директор на оваа криминална фондација уште пред да се предложи законот! А, за ваква криминална фондација може да се именува само криминален лик како МАРЈАН Цветковски, кој 14 години директоруваше во МРТВ (подолг мандат од премиер), кој доби кривична пријава за финансиски криминал во МРТВ и кој националниот сервис го претвори во ПАРТИСКО гласило на секоја власт.

Тврдам дека вмровците да беа инвентивни во проекти, вака како што се инвентивни за легализирање на криминал, немаше да имаат убедливо најлош старт на било која влада.
Дали молкот на СДС за овој закон значи дека и тие ќе го поддржат овој историски криминал?- прашува Мојсовска.