Итно соопштение до македонските државјани во Саудиска Арабија издаде амбасадата во Абу Даби

Апел за максимална будност, внимателност и следење на безбедносните протоколи до сите македонски државјани кои престојуваат во Саудиска Арабија, посебно во Ријад, издаде Амбасадата на Северна Македонија во Абу Даби.

Ова следува по ескалирање на безбедносната состојба откако Хутите го нападнаа аеродромот во Ријад, а раководството на Саудиска Арабија вети дека ќе возврати на нападите. Во нападот, според последните информации, има најмалку 12 загинати и над 300 повредени. Меѓу нив има државјани на Саудиска Арабија, Бангладеш, САД, Јордан, Палестина, Сирија, Судан и Египет.

Од македонската амбасада ги потенцираат клучните безбедносни препораки што треба да ги следат државјаните што се таму.

„Штом се активира безбедносна вонредна тревога или сирена, веднаш влезете во затворен простор (куќа/објект) и останете подалеку од прозорци и стакла; Избегнувајте јавни собири, воени објекти и пограничниот појас со Јемен; Чувајте ги телефоните полни и погрижете се уредите да бидат чисти од какви било контроверзни содржини“, се наведува во апелот.

Исто така, амбасадата ги потсетува граѓаните дека според законите на Саудиска Арабија строго е забрането фотографирање, снимање или споделување видеа од нападите. Локалните власти строго казнуваат за вакви објави на социјалните мрежи.

Секакви сомнителни објекти или паднати остатоци треба веднаш да се пријават преку апликацијата Tawakkalna.

„Иако авиосообраќајот се рестартира, можни се чести вонредни одложувања. Генералната управа за цивилно воздухопловство (GACA) препорачува задолжително да ја контактирате вашата авиокомпанија за статусот на летот пред воопшто да тргнете кон меѓународниот аеродром ’Крал Калид‘ во Ријад. Редовните летови сè уште функционираат со повремени откажувања и може да се користат за евакуација“, се наведува во итното соопштение од амбасадата.

Оттаму споделуваат и контакт мобилен телефон на кои македонските државјани што се таму може да се обратат за какви било итни потреби и асистенции: +971 56 441 7532.

Од македонската амбасада претходно остро ги осудија нападите од хутите на аеродромот велејќи дека напаѓањето на цивили и инфраструктура претставува тешко кршење на меѓународните норми и на хуманитарното право.