(Истражување) Проф. д-р Бојаџиев: Како и кој го мери квалитетот на високото образование

Во врвните 1, 500 има дури 12 од екс-Југославија и ниеден од Македонија. Покрај горенаведените 10, тука го наоѓаме и Универзитетот од Осиек, како и од Сараево.

Како се мери квалитетот во високото образование? (и кој го мери квалитетот во високото образование?)

Квалитетот во високото образование се мери според три категории: 1) истражување, 2) настава и 3) мисија и врски со заедницата и индустријата, патенти и слично.

Најпознати три мерења се: QS, Times Higher Education и Jiao Tong Academic Ranking of World Universities.

Овде би ја искористил можноста да потенцирам дека сум автор на едно ново рангирање, наречено Academic Ranking of Balkan Universities, чија методологија е објаснета во следниов труд: ”The advantages of Google scholar rankings“.

За разлика од The Big 3, методологијата на ARBU се базира само врз истражувачкиот аспект. Но бидејќи тој и се смета за најзначаен, оваа методологија е целосно легитимна и ќе ја користиме во овој текст како извор на информации.

На крајот од овој пасус само би напоменале дека во Македонија имаме законска обврска за мерење на квалитетот на секои три години, она што во време на Груевски се нарекуваше „Шангајска листа“, но која едноставно не се спроведува во последните 8 години.

Каде е македонското високо образование според „големите 3“?

Ситуациска анализа: Македонското високо образование  е во процес на „слободен пад“. Ако во СФРЈ нашиот УКИМ беше 4. или 5. универзитет, денес се пред него универзитети што ги сметавме за длабока провинција, како на пример, Крагуевац или Ниш.

Колку што порано ќе го признаеме ова, полесно ќе можеме да почнеме да се справуваме со проблемите.

Според Џиао Тонг (Jiao Tong) во врвните 1 000 има три универзитети, и тоа: Белград, Загреб и Љубљана, но во други рангирања се појавуваат вкупно 10 од поранешна СФРЈ, а ниту еден од Македонија.

Од Србија во ТОП 1 000 се Белград и Нови Сад, според Џиао Тонг (Jiao Tong), но во рангирање според области, т.н. Global Ranking of Academic Subjects (GRAS), се појавуваат и Ниш и Нови Сад, што значи дека барем во една област овие универзитети влегуваат во врвните 1 000.

Од Хрватска во GRAS се појавуваат: Загреб, Риека и Сплит.

Во Словенија се појавуваат три универзитети: Љубљана, Марибор и Приморска…

…според што нашиот „Св. Кирил и Методиј“ е во најдобро место на 11. место  (доколку пред него не е Сараево).

QS (Quacquarelli Symonds) ranking

Да видиме како стоиме според нив? УЖАСНО!!! Во врвните 1, 500 има дури 12 од екс-Југославија и ниеден од Македонија. Покрај горенаведените 10, тука го наоѓаме и Универзитетот од Осиек, како и од Сараево.

Како заостанува македонското високо образование во научниот опус

Во овој сегмент ќе споделиме неколку индикатори според Academic Ranking of Balkan Universities

И според  ARBU, УКИМ  e 11. во регионот.

, но проблемот настанува со заостанување во обемот на научна продукција.

Ние не трчаме „спринт“, па да се разликуваме во милисекунди, првиот во однос на оние што следуваат.

Не, за жал, разликата помеѓу македонската научна продукција и таа во регионот е ОГРОМНА, односно изнесува како што следува:

или ако сакаме графички:

УКИМ Скопје има 12,5 пати помалку цитати од Загреб, 6,3 пати помалку цитати од Белград и 5,4 пати помалку од Љубљана.

Местото на македонските истражувачи во регионот

Македонските истражувачи, кои се херои на нашето високо образование, водат донкихотовска битка.

Без поддршка, без финансирање, без системски напор, и не може да се стори нешто повеќе (за што ќе говориме во последниот оддел).

Како и да е, во ТОП 100 истражувачи во регионот (екс-Југославија плус Албанија) имаме само тројца од Македонија.

Д-р Сашко Кедев (35. место), Љупчо Коцарев (59.) и д-р Марија Вавлукис (64.).

Но, слично и кај универзитетите, разликите се разлики како на „маратон“, а не на спринт.

Тројцата најдобри од Македонија имаат вкупно 75 628 цитати, додека најдобриот истражувач од регионот, Марко Микуз, има 5 пати повеќе, односно 381 000 цитати.

Но, како што рековме, тие се сепак херои на нашата наука.

Истражувачи во Македонија

Да ја видиме ситуацијата во Македонија. Како што веќе рековме, првите тројца имаат 75,628 цитати, а следните седум 79,892, односно вкупно 155,520.

ОВИЕ 10 ИСТРАЖУВАЧИ ИМААТ ПОВЕЌЕ ОД СИТЕ ДРУГИ –ЗАЕДНО!!!

Како што гледаме, од овие 10 истражувачи имаме само 2 члена на МАНУ, што е предмет на друга тема, за друга прилика.

Како заглавивме?

Би почнал со првото рангирање направено од Џиао Тонг (Jiao Tong) во 2011 година. По рангирањето, имаше презентација од директорот на Институтот за образование, која беше насловена: „Зошто Македонија нема универзитет во првите 500 и зошто никогаш нема да има“.

Да! Добро прочитавте – зошто никогаш нема да има.

Логиката беше следна: ТОП 500 универзитети доаѓаат од ТОП 50 економии во светот, со исклучок на 10 универзитети од Централна Европа. Тоа е точно 2% статистичка грешка, но и овие универзитети доаѓаат од земји што се во ТОП 50 економии според GDP per capita (Словенија, Хрватска, Полска, Чешка, Унгарија и Грција).

И сѐ ќе беше во ред, еден месец подоцна ,на листата да не се појавеше Белград. Како што знаеме, тој е лоциран во Србија, која според GDP per capita има многу сличен ранг со нашиот.

Од 2011 досега, од Србија се појавија дури 4 универзитети во првите 1 000. Што би рекле во познатиот стрип од „наше време“, „Алан Форд“, кога играат покер и сите држат 4 аса и крал: „Овде неко вара“. Но ниту е животот стрип, ниту некој врши измама!!! Едноставно некои земји се фокусирале на подобрување на системот на високото образование.

За разлика од нас…Истото тоа го констатира и малку подзаборавената ЕУ, која во скринингот констатира дека:

⦁ дипломците на нашите универзитети немаат потребни знаења и вештини и

⦁ финансирањето на високото образование е многу ниско, односно 3,3% од БДП додека во земјите со кои се споредуваме е 4,7% (иако и за ова ќе говориме подоцна, особено од аспект на несреќниот колективен договор на УКИМ, кој пред изборите стана законско решение).

Каде грешиме и како да се поправиме

Во 2018 година се донесе Законот за високото образование со кој, де факто, Владата се исклучи од какви било ингеренции освен да дава пари. Сите ингеренции се префрлија на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност (членови 41-44), како и на Агенцијата за квалитет во високото образование (членови 45-50).

Што е проблемот во ова решение?

Првиот проблем е Националниот совет.

– Националниот совет беше формиран и фрлен на буниште: нема простории, нема буџет, нема стручна служба и поради тоа се носеа неквалитетни прописи.

– Националниот совет има прешироки овластувања да носи разни подзаконски акти, што е потполно непотребно.

– Единствено со што треба да се занимава Националниот совет се првите две точки:

1. Го следи развојот на високото образование и неговата усогласеност со европските норми… и

2. Ја изготвува и ја предлага за усвојување Националната програма за високото образование до Собранието на Република Македонија.

Всушност, тоа се единствените точки по кои Националниот совет нема донесено НИШТО!

Подоцна ќе го видиме примерот на Франција и како некој нивни национален совет ја преобрати ситуацијата, од ниту еден универзитет во ТОП 50, да имаат дури два, за помалку од десет години.

Вториот проблем е Агенцијата за квалитет, што е убава изрека за две посебни тела споени со еден „директор“, кој е шеф на стручна служба и ништо повеќе (член 46). Всушност, Агенција за акредитација и Агенција за евалуација или Агенција за акредитација и евалуација постојат во разни форми од 2000 година наваму.

Па, каде е проблемот? Проблемот е што:

Агенцијата за акредитација изготви нормативи што ги усвои Националниот совет, кои се разликуваат од претходните нормативи (од 2005 наваму) како пивско шише од пивско шише!

– сите овие критериуми, всушност, се технички и се однесуваат на: Квадратни метри, број на предавални, број на професори и број на тоалети!

– тие критериуми во Хрватска, на пример, или во САД, се нарекуваат критериуми за иницијална акредитација. И како такви се во ред. Проблемот е што немаат ама баш никаква врска со која било следна акредитација. Имено, во нормални држави, како на пример: Хрватска, Србија, САД, Италија, реакредитација се дава само врз основа на позитивен извештај од надворешна евалуација. End of story!!!

За да биде бељата поголема, принципот да се дава реакредитација само врз основа на позитивна евалуација го применуваат другите две тела за акредитација во нашата држава, а тоа се:

⦁ Институт за акредитација на Република Северна Македонија (https://iarm.gov.mk/)
⦁ Агенција за квалитет и акредитација на здравствени установи (https://akazum.gov.mk/ )

Но, сличен принцип на работа имаат и Институтот за ревизори, Агенцијата за супервизија на осигурувањето итн.

За оваа прилика, да заклучиме со следнава констатација:

– потребно е Националниот совет да се занимава со „големи теми“, а не од дрвата да не ја гледа шумата
– Одборот за акредитација и Одборот за евалуација треба да се претопат во едно тело, кое се занимава СУШТИНСКИ СО а) иницијална акредитација на нови установи и б) реакредитација, само врз основа на надворешна евалуација.

Како знаеме дека Одборот за акредитација и Одборот за евалуација грешат:

– Одговорно тврдам дека во Република Македонија и во Република Северна Македонија не е спроведена ниту една, НИТУ ЕДНА, евалуација на високообразовна установа. НИКОГАШ!!! Тука би потенцирал дека еден од одличните правилници што ги има донесено Националниот совет е Правилникот за евалуација (но никој не го применува)

– Како знаеме дека Одборот за акредитација греши: Веројатно ќе остане епска дамка давањето акредитација на Универзитетот во Струга – не за друго, туку за една од трите регулирани професии – медицината. Но, има и бројни други гафови: високи школи, кои се викаат „факултети“, а никој не реагира, факултети за воздухопловство и се разбира, познатата изрека: имаме 23 правни факултети, но имаме и 4 медицински факултети и 5 медицински високи школи.

– Како знаеме дека Националниот совет греши: Имаше најмалку два, а можеби и три подзаконски акти кои многу бргу беа повлечени, по бурни реакции на универзитетската заедница.

Но, и ден-денес на нивниот сајт сѐ уште има „нелекторирани правилници“, во време кога македонскиот јазик е атакуван од исток, запад, север и југ.

Патот е:

– Национален совет да се бави со големите теми: Анализа на состојбите и Стратегија за развој

– Одбор за акредитација да стане одбор за акредитација и евалуација, и да се разликува иницијална акредитација и реакредитација.

Case study: Што направи некој национален совет на Франција

Велам – некој национален совет, а мислам на некое тело што се занимава со стратегија во образованието. Франција долги години немаше ниту еден универзитет во првите 100, каде што апсолутно доминираат англосаксонските универзитети.

Во 2012 година Франција направи проект со претходно споменуваниот Институт за педагогија на Универзитетот Џиао Тонг (Jiao Tong) како да се подобри високото образование. Едно од решенијата беше формирање „федерации на универзитети“.

Така настанаа Paris-Saclay University и PSL University (Université Paris Sciences et Lettres) и тие денес се рангирани на 12. односно 33. место во светот. Но, ваквата концентрација на научна мисла ги повлече и другите, па денес имаат точно 19 универзитети во првите 500.

Што правиме со финансирањето?

Во делот V – Каде заглавивме?, го критикувавме решението за плати. Финансирањето на високото образование е на ниско ниво. Уште полошо: ЦЕЛОСНО ПОГРЕШНО!

Имавме цел проект од Светска банка, кој заврши со препораки за финансирањето:

⦁ базирано врз научен аутпут, 2) на влезен квалитет на студенти и 3) на излезен квалитет. Ние останавме на некој соцреалистички модел во кој секој финансира сѐ!!!

За да биде бељата поголема, новиот ЗВО пропиша плати на прилично високо ниво, во однос од 4 до 6 минимални плати за универзитетски наставници.

На прв поглед изгледа супер.

Суштински проблем: Секое финансирање без критериум е промашување. Зошто да финансираме професор што – никому не предава?

Зошто да финансираме професор што ништо не публикува?

И на крај, и тие што ќе работат и публикуваат и тие што немаат студенти, а не публикуваат, ќе земаат високи плати, повисоки од министри?

Што може да се направи (дополнително од наведеното за Национален совет и Одбор за акредитација и евалуација)

⦁ Воведување на настава на англиски јазик и меѓународен конкурс за секоја позиција: професор, декан, ректор

Во поголемиот дел од Европа, Јапонија, Сингапур, универзитетите имаат настава на англиски јазик. Без исклучок тоа се докторски студии, а најчесто и постдипломски. Тоа е lingua franca на современиот свет. Ако е така, зошто:

– да не се префрли и македонскиот систем на ВО на англиски јазик и

– да се огласат сите наставни позиции на меѓународен конкурс?

Ако веќе Македонија е богато општество и има простор за бруто-плата од 3.000 до 4.000 евра месечно, тоа е веќе конкурентна плата за многу држави. Тоа е еден од начините за: а) зголемување на конкуренцијата и б) подобрување на квалитетот на високото образование.

⦁ Интернационализација на образованието преку олеснување на визниот режим

Не говориме за полесно добивање визи, туку за полесно аплицирање. Ако Индија и ОАЕ даваат визи онлајн, зошто за македонска виза мора да се аплицира лично во ДКП? Со тоа се намалува доаѓањето на студенти и истражувачи источно од Истанбул и јужно од Каиро. И се намалува конкуренцијата!

⦁ Веќе ги споменавме реформите во овластувањата на Националниот совет и интеграцијата на Одборот за акредитација и Одборот за евалуација – при што би разликувале иницијална акредитација и реакредитација врз основа на евалуација.

⦁ Паметно трошење на средствата – Во сегашниот систем се трошат огромни средства непотребно:

– стипендии за Шефилд или Јорк – БЕЗ ЈАВЕН ТЕНДЕР, со што се прекршува член 4 од Законот за заштита на конкуренција

– стипендии за студирање на 100 универзитети – а никој не се враќа? Ние сме единствена држава во светот која спонзорира „одлив на мозоци“ (brain drain)

– огромни самостојни приходи на факултети и институти (кирии, школарини) кои самостојно ги трошат.

Проф. д-р Марјан Бојаџиев, ректор на Универзитетот „Американ колеџ“