Историчарот Димитров: Нема ниту еден историски доказ кој говори за постоење на македонски народ и македонска држава

Бугарскиот историчар Ангел Димитров кој во интервју за националната „БНТ“ рече дека „историјата дава аргументи и им помага на политичарите да ги разберат корените на современите проблеми, но целата одговорност е на политичарите“. Димитров на прашање дали се во комуникација со новите политички субјекти во земјата, вели дека со новите бугарски политичари немаат разговори затоа што тие се зафатени со формирањето Влада.

„Република Северна Македонија не покажува подготвеност да работи врз база на историски принципи, на наука и историја. За нив тоа е лизгав терен. Нема ниту еден историски доказ којшто говори за постоење на македонски народ, македонска држава и дека Самоил бил македонски цар. Едвај имало држава која повеќе од Бугарија сакала Северна Македонија да влезе во ЕУ. Но, секогаш има едно големо ‘но‘ кое што зависи од подготвеноста на земјата кандидата. Би сакал да кажам дека Северна Македонија е подготвена да ги започне преговорите, но не гледам основа за тоа“ вели Димитров.

Тој напоменува дека македонско-бугарската комисија колку и да изгледа непродуктивна, го привлекува вниманието на јавноста во двете држави.

„Прашањето ги интересира граѓаните, а комисијата е показател за состојбата во билатералните односи“ рече Димитров и најави дека во четврток и во петок ќе се одржи следната седница.