
Иран ги прекина своите воени операции откако Соединетите Американски Држави ги запреле нападите во текот на изминатите две ноќи, изјави портпаролот на иранската војска, Мохамед Акраминија.
Според него, одлуката е донесена затоа што иранската воена стратегија се заснова на принципот на реципрочен одговор.
-Американците ги прекинаа своите напади во текот на изминатите две ноќи. Бидејќи нашата стратегија во суштина се темели на взаемен одговор, и ние ги прекинавме воените операции – изјави Акраминија.
Тој тврди дека иранските сили претходно извеле координирани воздушни, ракетни и беспилотни напади врз американски позиции во Кувајт, Катар и Ербил во Ирак.
Акраминија оцени дека овие операции ја принудиле американската администрација да ја преиспита својата стратегија на Блискиот Исток и да го промени пристапот во регионот.
Според него, Иран започнал со одмаздничките напади поради, како што тврди, прекршување на обврските од меморандумот за разбирање постигнат минатиот месец, како и поради обидите за воспоставување поморски коридор низ Ормускиот Теснец.
Тој наведе дека во изминатите 15 дена цели на иранските операции биле американски воени бази во Јордан, Кувајт и Бахреин, кои ги опиша како едни од најважните американски воени објекти во регионот.
Акраминија додаде дека иранската стратегија се заснова на „одвраќање преку возвратен одговор“, со цел да се зголеми цената на евентуална агресија и да се спречат идни напади.
Тој оцени и дека САД се наоѓаат во „стратешки ќор-сокак“, без јасен план за продолжување или завршување на конфликтот, додавајќи дека и изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, според него, укажуваат на таква неизвесност.