Интервју на Роналдо: Јунајтед ме направи „црна овца“, не го почитувам Тен Хаг

Кристијано Роналдо, еден од најдобрите фудбалери на сите времиња по синоќешната објава на дел од интервјуто во емисијата „Без Цензура“ на Пирс Морган дефинитивно си создаде и многу непријатели кај најтрофејниот англиски клуб и скоро сигурно за него нема да има повеќе место на „Олд Трафорд“.

Искусниот напаѓач во емисијата кај својот голем пријател без влакна на јазикот зборуваше за многу теми, а секако највпечатливи беа неговите зборови за Ерик Тен Хаг, Јунајтед, Руни… Роналдо пред две лета беше на праг да се пресели во Манчестер Сити и да го направи најголемото предавство во историјата на Премиер лигата, но сега вели дека е „црна овца“ и дека е изневерен од менаџерот и раководството на клубот.

„Јунајтед се обиде да ме принуди да заминам, не само менаџерот, туку и другите луѓе околу клубот. Се чувствувам изневерено. Некои луѓе не сакаат да бидам таму, не ме сакаа ниту минатата сезона. Ме направија „црна овца“. Што се однесува до менаџерот Ерик Тен Хаг, јас не го почитувам, бидејќи ниту тој не покажа почит кон мене“, рече Роналдо.

Во продолжение Роналдо зборуваше за падот на Јунајтед во претходните години.

„Јунајтед го донесе Ралф Рангник, кој е спортски директор, а не тренер. Тоа ги изненади сите, вклучувајќи и мене. Како е можно таков клуб како Јунајтед да не го донесе вистинскиот тренер?! Никогаш не сум слушнал за него. Ништо не се смени овде откако си замина Сер Алекс Фергусон. Кога решив да се вратам во Јунајтед, го следев моето срце и Сер Алекс ми рече дека е невозможно да одам во Сити. Му реков: „Во ред, шефе“ и дојдов во Јунајтед“, додаде Португалецот.