Измените на Законот за субвенциониран студентски оброк ќе се носат по скратена постапка

Собранието на Република Северна Македонија изгласа предлог законот за изменување на Законот за субвенционирање на студентски оброк да се носи по скратена постапка.

На 91. седница, предлогот беше усвоен со 54 гласови и Собранието ги задолжи Комисијата за финансирање и буџет, како матично работно тело и Законодавно-правна комисија да расправа по предлогот.

Предлагачи на Законот се пратениците Даниела Колева, Даниела Николова, Драгица Ѓавочанова, Емилија Рамбабова, Жаклина Лазаревска, Зекир Рамчиловиќ, Лидија Тасевска, Љатифе Шиковска, Марија Костадинова, Марија Кочовска, Моника Зајкова, Мухамет Кадриов и Санела Шкријељ.

Пратеничката Жаклина Лазаревска ја образложи оправданоста на предлогот да се донесе по скратена постапка при што изјави дека студентскиот оброк треба да биде студентски оброк, а не финансиска помош.

– Студентскиот оброк, треба да биде студентски оброк, а не да биде финансиска помош. Тоа го направивме во 2021 година со измена, со цел во време на пандемија да им овозможиме навистина сите студенти да добиваат средства со кои што би си дозволиле квалитетен студентски оброк. Тој закон и таа измена беше времена и она што ние со оној закон кој што го повлековме, сакаме да го направиме, е во ова време, во оваа ситуација во која што се наоѓа државата, субвенциониран студентски оброк да добиваат солидарно, студентите на кои што му е најпотребен и тој да има поголема вредност од оној што беше предвиден со измените во 2021 година, рече Лазаревска.