Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили синоќа изјави дека се солидаризира со „Движењето на отпорот“ во кое илјадници луѓе протестираат против одлуката на Владата да ги одложи пристапните преговори со ЕУ.
– Движењето на отпорот почна … Се солидаризирам со него. Ќе останеме обединети додека Грузија не ги постигне своите цели: враќање на европскиот пат и одржување нови избори, истакна Зурабишвили во телевизиското обраќање.
Во Тбилиси вчера, трет ден илјадници луѓе демонстрираа поради одлуката на Владата. Полицијата употреби солзавец и водени топови против демонстрантите, а 43 лица се приведени.
Повеќе од 100 дипломати и државни службеници во Грузија потпишаа отворено писмо во кое тврдат дека одлуката на Владата не е во согласност со стратешките интереси на земјата.
Премиерот на Грузија, Иракли Кобахиѕе ја обвини ЕУ за „мамење“ откако европските законодавци побараа повторување на минатомесечните парламентарни избори во Грузија поради „значителни неправилности“.
Во Грузија од 2012 година на власт е партијата Грузиски сон, која според критичарите, се обидува да ја оддалечи земјата од ЕУ и да ја приближи Русија.
Грузиски сон победи на изборите минатиот месец, но пратениците од опозицијата го бојкотираат новиот парламент, тврдејќи дека има изборен фалсификат, додека за претседателката Зурабишвили парламентот е „неуставен“.