Зеленски: Целата територија на Соледар е покриена со трупови на напаѓачите

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека украинските војници се спротивставуваат на „новите, уште пожестоки напади“ врз Соледар, во близина на Бахмут, град во источна Украина, кој Москва се обидува да го заземе со месеци.

„Им благодарам на сите наши војници кои го бранат Бахмут… и на борците во Соледар кои се спротивставуваат на новите и уште пожестоки напади од напаѓачите“, рече претседателот Зеленски во своето секојдневно видео обраќање.

Градот Соледар, во областа Доњецк, е на околу 15 километри од Бахмут, град кој имаше околу 70.000 жители пред почетокот на руската инвазија во февруари минатата година, а кој сега е епицентарот на борбите.

„Благодарение на отпорот на нашите војници таму, во Соледар, добивме дополнително време и ги зачувавме силите на Украина“, рече Зеленски.

„Сè е целосно уништено… Целата територија на Соледар е покриена со трупови на напаѓачите и има траги од експлозиите. Вака изгледа лудилото“, додаде украинскиот претседател.

Претходно вчера, украинските вооружени сили соопштија дека го одбиле обидот за заземање на Соледар, по што борбите продолжија.

„По неуспешниот обид на непријателот да го заземе Соледар во регионот на Доњецк, (Русите) се прегрупираа, ја вратија својата жива сила, префрлија дополнителни јуришни единици, ја сменија тактиката и започнаа напади“, напиша заменик-министерката за одбрана на Украина Хана Маљар во Телеграм.

„Во моментов, непријателот распореди голем број јуришни единици формирани од најдобрите резерви на Вагнер групата. Тие буквално газат врз труповите на сопствените војници“, додаде таа.

Во соопштението, шефот на приватната руска воена компанија „Вагнер“, Евгениј Пригожин, рече дека нападот врз Соледар бил извршен „исклучиво“ од членови на неговата организација.

Претходно вчера, проруските сепаратисти во регионот на Доњецк тврдеа дека ја презеле контролата врз селото Бахмутское, на неколку километри од Соледар.

Во септември Москва објави дека анектирала четири украински региони, вклучително и регионот Доњецк во источна Украина, по референдумите кои не ги признаа Киев и Западот, според АФП.