Започна второто полугодие, со физичко присуство

Заврши продолжениот зимски распуст, па од денеска околу 255.000 ученици се вратија во училишните клупи за второто полугодие од учебната 2021/2022 година.

Поради влошената епидемилошката состојба и проценката дека земјата се наоѓа на врвот од  КОВИД-заразата, наставата не започна на 20. јануари и беше одложена за десетина дена, по препорака на Главниот координативен кризен штаб и со одлука на Владата.

Сепак, учебната 2021/2022 ќе заврши во редовниот термин – на 10 јуни 2022.

Ставот на надлежните во здравство и образование е учебната година, како и во првото полугодие, да продолжи со физичко присуство, со примена на антиковид-протоколите, така што и натаму резервни остануваат другите две сценарија што беа подготвени летото – настава на далечина и комбинирана настава со ротации на ученици во иста паралелка.

Од првата детска амбасада „Меѓаши“, Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и опозициската ВМРО-ДПМНЕ деновиве бараа Владата да ја преиспита одлуката и наставата да продолжи онлајн затоа што се високи бројките на  новозаразени со КОВИД-19, чести се и реинфекциите што се должи на брзото ширење на сојот омикрон.

Според министерот за здравство Беким Сали, одлуката е донесена откако е проценето дека епидемиолошката состојба дозволува настава со физичко присуство.

„Според нашите податоци, нема потреба од онлајн-учење во овој момент. Епидемиолошката состојба се менува секоја недела, а врз основа на тие податоци ние и ги носиме одлуките, рече Сали.

И министерот за образование Јетон Шаќири укажа дека состојбата постојано ќе се следи и МОН ќе биде во постојана комуникација со Комисијата за заразни болести и со Кризниот штаб.

„Сега има нова варијанта, но и тоа не значи дека почетокот на второто полугодие со физичко присуство ќе го зголеми бројот на заразени. МОН ќе биде во постојана комуникација и секој ден ќе има средби со директорите на основните и на средните училишта“ – изјави Шаќири.