Борис Џонсон во посета на Украина со мисија – Русија да се повлече

Премиерот на Велика Британија – Борис Џонсон денеска ќе ја посети Украина како дел од дипломатските напори за одвраќање на можна руска инвазија на земјата.

Џонсон ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски за да разговара за десетиците илјади руски војници собрани во близина на украинската граница, за кои Западот стравува дека се подготвуваат да ги нападнат.

Според соопштението од Кабинетот на британскиот премиер, тој со Зеленски ќе разговара за стратешката поддршка што Британија може да и ја понуди на Украина.

САД, ЕУ и Велика Британија се на став дека Русија има способност да дејствува против Украина, а Џонсон предупреди на катастрофа доколку Москва го стори тоа.

„Ја повикуваме Русија да се повлече и да се вклучи во дијалог со цел да се најде дипломатско решение и да се избегне понатамошно крвопролевање. Право на секој Украинец е да определи како ќе биде управуван. Како пријател и демократски партнер, Британија ќе продолжи да го поддржува суверенитетот на Украина над оние кои сакаат да ја уништат“ – рече Џонсон пред да стигне во Украина.