
Заврши 26. Скопје филм фестивал – награда за најдобар филм „Нeма рај ако те убие жена“
За најдобра режија наградата ја понесе Габор Холтаи за филмот „Чувство на дом“. На фестивалот беше доделена и специјална награда за филмот „Отфрлен“ на Винсент Гарено, кој со исклучителна сензитивност прикажува вистинска приказна за неодамнешниот трагичен напад врз професор во француско средно училиште, незаборавно филмско остварување кое во Скопје пристигна директно од Канскиот филмски фестивал 2026.
„Нема рај ако те убие жена“ на режисерот Халкавт Мустафа е избран за најдобар филм на 26. Скопје Филм Фестивал, што синоќа беше свечено затворен.
За најдобра режија наградата ја понесе Габор Холтаи за филмот „Чувство на дом“. На фестивалот беше доделена и специјална награда за филмот „Отфрлен“ на Винсент Гарено, кој со исклучителна сензитивност прикажува вистинска приказна за неодамнешниот трагичен напад врз професор во француско средно училиште, незаборавно филмско остварување кое во Скопје пристигна директно од Канскиот филмски фестивал 2026.
Зад овие одлуки стои меѓународното жири во состав Стив Абот- продуцент од Англија, Даниела Вебер – организаторка на Берлинскиот филмски фестивал, Павле Вучковиќ – сценарист и режисер од Србија и нашите Дарјан Пејовски – сценарист и режисер и Лабина Митевска – актерка и продуцентка.
Жирито додели и специјална награда на филмот „Тивки ноќи“ на режисерот Лоренс Фахардо. Сите наградени филмови се од натпреварувачката програма „Дијалози“.
-Спојувајќи ја својата воспоставена регионална традиција со свежа креативна енергија, СФФ ја потврди својата позиција како клучна културна платформа за независен филм и меѓународна размена. Фестивалот има стратешка улога во обликувањето на регионалната филмска индустрија и во унапредувањето на културната агенда за „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“. Преку негување на филмската писменост, поддршка на авторскиот филм и отворање динамичен простор за меѓународен дијалог, СФФ директно го збогатува уметничкиот пејзаж на главниот град – велат организаторите на фестивалот.

Како што наведуваат од СФФ, под раководство на директорот на фестивалот Томи Салковски и кураторот Николај Никитин, 26-то издание претставува извонреден организациски подвиг, подготвен и реализиран за само неколку месеци. Брзото формирање на меѓународна натпреварувачка програма, доаѓањето на странски делегации и одржувањето на мастерклас-сесии ја потврдуваат посветеноста која ја движи новата ера на фестивалот. За долгорочно стратешко насочување и зајакнување на глобалните партнерства, фестивалот воведе нов Меѓународен фестивалски совет составен од истакнати европски и светски филмски професионалци: Томи Салковски, Николај Никитин, Благоја Куновски, Мирослав Могоровиќ и Филип Бергсон.
Оваа година беше востановена наградата „Златна Скополија“ за извонреден придонес кон светската кинематографија, престижно ново признание наменето за истакнати автори чии смели уметнички визии оставиле траен белег во филмската уметност. Именувана по реткото ботаничко наследство, автохтоно за овој регион, „Златна Скополија“ ја симболизира креативноста, реткоста и уметничката истрајност. Првата награда им беше врачена на отворањето на фестивалот на реномираното полско филмско дуо, режисерката Малгоржата Шумовска и директорот на фотографија и режисер Михал Енглерт, како признание за нивниот длабок и бескомпромисен уметнички придонес во современиот светски филм.
По свеченото отворање, втората фестивалска вечер беше одбележана со премиерата на филмот „17“ во режија на Косара Митиќ, еден од најнаградуваните и најзабележаните современи македонски филмски проекти.

Во текот на фестивалската недела, публиката уживаше во богата и внимателно курирана програма со меѓународни фестивалски хитови, европски кратки филмови (EFA Shorts) и моќни регионални авторски остварувања, меѓу кои и клучните натпреварувачки наслови: „Нема рај ако те убие жена“ на Халкавт Мустафа, „Чувство на дом“ на Габор Холтаи, „Тивки ноќи“ на Лоренс Фахардо и многу други. Програмата беше надополнета со три значајни мастерклас-сесии во МКЦ Клуб, каде што истакнати филмски дејци, меѓу кои српскиот актер и режисер Драган Бјелогрлиќ и меѓународниот филмски експерт Ники Никитин, кој сподели искуства за дистрибуцијата на дебитантски филмови и стратегиите на фестивалскиот пазар.
Основан во 1998 година, Скопје Филм Фестивал има повеќедецениска мисија да ја развива филмската култура и да ја поврзува домашната публика со современата светска кинематографија. Како препознатлив бренд и значајна платформа за авторски филм и нови уметнички изрази, фестивалот годишно привлекува меѓу 6.000 и 10.000 посетители, како и бројни домашни и странски филмски професионалци.
Од оваа година, фестивалот влегува во фаза на трансформација и осовременување на својата програмска структура и визуелен идентитет. Со нов меѓународен фестивалски совет и тим составен од истакнати професионалци од Европа и светот, Скопје Филм Фестивал се позиционира како водечки културен двигател во регионот и еден од темелните столбови во реализацијата на проектот „Скопје Европска престолнина на културата 2028“.
Следното, 27. издание на Скопје филм фестивал е предвидено да се одржи идната година од 12 до 17 октомври.