Општинскиот суд на Бихаќ го прифати барањето на Обвинителството и му одреди едномесечен притвор на Ајдин Зулиќ (18), откако тој преку објава на социјалните мрежи се закани дека ќе го повтори сценариото што се случи во Белград и ќе убие ученици и вработени во Мешовитата гимназија која претходно ја посетувал.
-Побаравме притвор поради ризик од повторување на делото, а судот го прифати барањето на Обвинителството на УСК. Во овој случај станува збор за загрозување на општата безбедност и закани по животите на луѓето – изјави кантоналниот обвинител Иван Мацура, пренесува Српскаинфо.
Да потсетиме, Зулиќ веднаш по масакрот што се случи во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, на социјалната мрежа Инстаграм најави дека ќе изврши убиство на ученици и наставници во гореспоменатото училиште во Бихаќ.
Соопштението брзо се прошири на социјалните мрежи и предизвика загриженост во јавноста, па управата на училиштето веднаш реагираше и случајот го пријави во полиција, која потоа го приведе Зулиќ.
Малку подоцна на Инстаграм профилот на младиот човек се појави објава во која тој се извини и изјави дека е несериозен.