
Ефремов пред заминување во Софија: Сегашното статус кво не е во интерес ни на Македонија ни на Бугарија
Кандидатот за амбасадор на Македонија во Бугарија, Крум Ефремов, ги претстави денес пред Комисијата за надворешна политика во Собранието приоритетите од кои ќе се води во својата работа откако ќе ја преземе функцијата.
Кандидатот за амбасадор на Македонија во Бугарија, Крум Ефремов, ги претстави денес пред Комисијата за надворешна политика во Собранието приоритетите од кои ќе се води во својата работа откако ќе ја преземе функцијата. Ефремов е професионален дипломат со долгогодишна кариера во МНР, кој себе се портретираше како „дипломат со економски бекграунд“. Тој беше амбасадор на Македонија кога еруптираше војната во Украина и учествуваше во евакуацијата на нашите граѓани таму, а неговата биографија главно е поврзана со економски позиции, со земјите од Исток и со Кина.
Ефремов, кој сега оди на жешка политичка функција, оцени дека односите со Бугарија во моментов не се на соодветно ниво и дека ќе работи посветено на изнаоѓање решение – бидејќи сегашното статус кво не е во прилог на ниту една од двете држави. Давајќи слика за политички контакти меѓу Македонија и Бугарија, тој спомена дека главно тие се одвиваат преку две комисии – заедничката меѓувладина комисија и заедничката мултидисциплинарна експертска комисија , споменувајќи дека втората одржала четириесетина состаноци на кои усвоила 4 препораки.
Според негова оценка, потенцијалот за економска соработка со Бугарија се зголемува и таа е петти или шести трговски партнер на Македонија, при што за десет години трговската соработка се дуплирала и надминала една милијарда евра. Според него, расте и бројот на бугарски туристи во нашата држава, но нивото на бугарски инвестиции е се уште мало, односно тие изнесуваат 84 милиони евра. Наш интерес, рече Ефремов, е да се отворат уште три гранични премини со оваа држава, а во најнапредна фаза е тој кај Клепало каде што Бугарија работи на последните 12 километри.
Поменувајќи дека Бугарија е една од најмалку задолжените држави во Европа (со долг кој изнесува само 30 отсто од БДП), дека нејзин најголем трговски партнер е Германија, а инвеститор Франција, дека имаме културни центри во Софија и тие кај нас, дека е во тек железничкото поврзување, дека има зголемен туристички интерес и слично, Ефремов порача дека тоа е земја со која треба да имаме добра соработка „во сите области“ и дека тој ќе работи на организирање средби на сите нивоа и ќе се залага за присуство на туристички и други саеми и настани.
Наедно тој потсети дека во Бугарија има 20 амбасадори кои ја покриваат Македонија на нерезидентен начин така што и тие се во описот на неговата работа.
На денешното презентирање беа и кандидатите за амбасадори во Шведска, Норвешка и во Романија – Мухарем Јусуфи, Дритон Кучи и Габриел Атанасов.