Претседателот на Турција – Реџеп Таип Ердоган социјалните мрежи ги посочи како една од главните закани за денешната демократија. Тој најави дека неговата влада ќе воведе закони со кои се криминализира ширењето лажни вести и дезинформации на социјалните мрежи.
„Социјалните мрежи, опишани како симбол на слободата кога првпат се појавија, станаа еден од главните извори на закани за денешната демократија. Се обидуваме да ги заштитиме нашите луѓе, особено чувствителните делови на општеството, од лаги и дезинформации без да ги нарушиме правата на нашите граѓани да добиваат точни и непристрасни информации“ рече Ердоган.
Во Турција од лани на сила е закон со кој социјалните мрежи со повеќе од милион корисници треба да имаат правен застапник и да складираат податоци во земјата. Многу компании, вклучително Фејсбук, Јутјуб и Твитер, во меѓувреме отвориле канцеларии во Турција.
Најавите се дека ќе се воведат кривична одговорност за ширење „дезинформации“ и „лажни вести“, а на прекршителите им се заканува затворска казна до 5 години.