Турскиот претседател, Реџеп Таjип Ердоган утре ќе ја посети Албанија, но покренува сомнеж за можност од државен удар од страна на организацијата на Фетула Ѓулен, која „сè уште е активна во Тирана“, пренесуваат тамошните медиуми. Ердоган со загриженост зборува за активноста на т.н. ФЕТО во Албанија, организација која е прогласена за терористичка организација во Турција.
„Терористичката организација на Фетула Ѓулен сè уште постои во Албанија. Преговараме со Албанија да ја намалат активноста на ФЕТО и да ги предадат нејзините членови на Турција. Таа е предавничка организација која се обиде да изврши државен удар во турската држава, има интеракција во Албанија, слична ситуација може да се случи и во Албанија“ вели Ердоган.
На средбата со Еди Рама во Анкара на 6 јануари 2021 година двајцата државници се согласиле дека „терористичката организација Фето претставува закана за двете земји“ и се заложиле дека нема да „дозволат ФЕТО да ги труе односите меѓу Турција и Албанија“.