Експерт на СЗО: Ќе биде тешко уште најмалку три месеци, но крајот на пандемијата се гледа

Дејвид Набаро – пратеник на Светската здравствена организација (СЗО) вели дека епидемијата на коронавирусот ќе создаде многу тешка ситуација во следните три месеци, „но можеме да кажеме дека крајот е на повидок“. Тој во интервју за „Скај њуз“, вели дека сме принудени на маратон со вирусот и оти не постои вистински начин да се каже дека сме на крајот, туку само дека се гледа крајот.

„Сè уште не сме стигнале до таа точка, а пред да дојдеме до неа, ќе има уште тешкотии. Ќе биде тешко уште најмалку во следните три месеци. Тешко е да се предвиди однесувањето на вирусот во иднина врз основа на однесувањето во минатото. Да се живее со Ковид-19 значи да се биде во можност да се подготвиме за овие амплитуди и да реагираме навистина брзо кога ќе се случат. Мораме да го почитуваме вирусот, а тоа значи дека треба да имаме навистина разработени планови како да се справиме и да се бориме со епидемиолошките бранови“ – рече Набаро.