Екипите на ЕВП повторно спречени да влезат во Слупчане, жителите бараат да им се простат долговите
Жителите на кумановското село Слупчане повторно ги спречија екипите на ЕВН да влезат во селото и да пристапат до трафостаницата, иако пред околу три недели ветија дека нема да ја попречуваат работата, пренесе Прес24.
Мештаните едногласно и сложно доставиле официјално барање до ЕВН со кое инсистираат да им се простат сите досегашни долгови кои изнесуваат по неколку илјади евра, да добијат бесплатни нови приклучоци, без разлика колку ќе потрошат во иднина да не им се фактурира повеќе од 3000 денари, верските објекти да бидат ослободени од плаќање за електрична енергија.
„Не прифаќаме мерните уреди да се поставуваат надвор од куќите се додека ова не се случи во цела Северна Македонија. Бараме и цената за новиот мерен уред да биде 6000 денари“-стои во официјалното барање.
– Екипите на Електродистрибуција се соочуваат со вербални и физички напади од жителите, како и целосни блокади за влез во селото. Сѐ додека не се создадат нормални услови за работа, екипите нема да работат на отстранување на дефекти или пак да реализираат редовни работни активности во тој регион – велат од ЕВН за Пресс24.