
Студентите на државните универзитети во Скопје наскоро ќе можат да го користат бесплатниот јавен превоз преку дигитална картичка во мобилната апликација SkopjeBus, без хартиени потврди и без посета на билетарите.
ЈСП Скопје, со поддршка од Град Скопје и во соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, започнува со воведување дигитална студентска превозна картичка.
Новото решение ќе важи за студентите на државните универзитети во Скопје, вклучувајќи го и Универзитетот „Мајка Тереза“.
Постапката ќе биде целосно дигитална. Студентскиот статус ќе се проверува преку автоматска размена и синхронизација на податоците меѓу ЈСП и универзитетите. Поради тоа, студентите нема да треба да доставуваат хартиени потврди или да одат во билетарите за заверка.
Студентите ќе добијат инструкции на своите електронски адреси, по што ќе можат да ја активираат картичката во апликацијата SkopjeBus. При најавувањето треба да ја употребат истата електронска адреса што ја користеле при регистрацијата на универзитетот.
Дигиталната картичка ќе биде прикажана во апликацијата како QR-код. Тој ќе се скенира, односно валидира при секое патување со јавниот превоз.
Од ЈСП најавуваат дека студентите навремено ќе добијат дополнителни информации за постапката за активирање и начинот на користење на новата картичка. Точниот датум од кога услугата ќе стане достапна засега не е соопштен.