
ДЗР: Дури 50 милиони евра ненаплатени даноци на имот имаат општините
Општините во Македонија неефикасно ги наплаќаат даноците по основ на недвижен имот, немаат ажурирани регистри, а се отпишуваат долгови по однос на задоцнето плаќање и камати…
Општините во Македонија неефикасно ги наплаќаат даноците по основ на недвижен имот, немаат ажурирани регистри, а се отпишуваат долгови по однос на задоцнето плаќање и камати…
Дури близу 50 милиони евра останале ненаплатени за периодот од 2020 до 2024 година, а речиси 4 милиони евра се отпишани долгови. Проблемот се зголемува и поради неекипираност на даночните одделенија во општините, немањето даночни инспектори, со само еден од УЈП и 16 инспектори во целата држава. Државниот завод за ревизија констатирал и дека даноците се пресметуваат по нереални цени на вредност кои со години не се сменети, а нема ни кој да направи нова проценка.
Согласно Годишната програма за работа за 2025 година, Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема „Ефикасноста на мерките и политиките за администрирање на локалните даноци, такси и надоместоци “ со цел да се даде одговор на прашањето: Дали мерките и политиките за администрирање на локалните даноци, такси и надоместоци се ефикасни во обезбедување навремена и целосна наплата на приходите и фискално одговорно
управување?
Со ревизијата беа опфатени активностите во период 2020 до 2024 година, а одредени прашања и настани се опфатени пред и по овој период.
Со опфатот и доказите кои ги обезбедивме по пат на примена на ревизорската методологија и техники, стекнавме разумно уверување дека мерките и политиките на надлежните органи и ЕЛС не обезбедуваат ефикасно администрирање на локалните даноци, такси и надоместоци.
Опкружувањето во кое единиците на локалната самоуправа ги остваруваат своите надлежности за администрирање на даноци, такси и надоместоци не овозможува ефикасно утврдување и наплата на сопствените приходи.
Постојната правна рамка не предвидува ажурирање на регистарот на недвижен имот по службена должност, роковите за плаќање на даночните решенија не се прецизно дефинирани, не е регулиран начин на нивна достава, а постојат и ограничувања во спроведување на ревизија на пазарната вредност.
Методологијата за пресметка на вредноста на објектите е застарена и не ги опфаќа новите видови на објекти и материјали, се применуваат цени кои не се ажурирани со години кои не ја рефлектираат реалната пазарна вредност, што резултира со потценување на даночната основа и намалени приходи за општините. Имајќи во предвид дека само 15 општини имаат спроведено ревизија на пазарната вредност укажува на нееднаква примена на прописите во системот на оданочување на имот.
Во услови кога тарифите за комунални такси не се ажурирани, нивното утврдување и наплата често се врши без издадени решенија и без воспоставен регистар на обврзници, не е обезбедена добра основа за целосна и ефикасна наплата на овие приходи.
Дополнително, некоординираноста на надлежните институциите вклучени во процесот го намалуваат создавањето на поволно институционално опкружување во кое општините треба ги остваруваат своите надлежности и да обезбедат стабилни сопствени приходи.
Ресурсите со кои општините располагаат во процесот на администрирање на даноци, такси и надоместоци, односно различните софтверски решенија, непополнетоста на работните места во даночните единици, малиот број на проценители вработени во општините не обезбедуваат правилно, целосно и навремено администрирање на даноците, таксите и надоместоците. Исто така, нецелосните регистри на недвижен имот, невоспоставените регистри за подвижен
имот и комунални такси, регистри во хартиена форма за надоместоците, како и неповрзаноста на системите го отежнува администрирањето и наплатата и го оневозможува реалното следење на обврзниците и нивните обврски.

Општините не ги користат во целост расположливите фискални капацитети за прибирање на даноци, такси и надоместоци (навремена наплата, камата за задоцнето плаќање и спроведување на присилна наплата), поради што генерирале 2.934.384 илјади денари (47.761.274 евра) ненаплатени побарувања по основ на даноци, такси и надоместоци во периодот 2020 – 2024 година, а извршиле отпис на 233.895 илјади денари (3.803.170 евра).
Од вкупно ненаплатените побарувања по основ на данок на имот, 67% или 1.163.814 илјади денари се постари од 5 години, што укажува на слабиот фискален напор на општините.
Софтверите ЛТАС, АЗАРО и ИСФ не овозможуваат реално следење на наплатата, бидејќи не може да се идентификува колку од наплатеното е по основ на задолжување од претходни години, освен софтверското решение „Комуна“ кое дава можност да се следи редовната наплата на издадените решенија за тековната година.
Само три комунални такси (фирма, односно назив на деловна просторија, користење на простор пред деловен простор и користење на плоштади и друг простор во градовите и другите населени места) се администрираат и наплатуваат во над 50% од општините, додека останатите 5 комунални такси се администрираат и наплаќаат во помалку од 25% од општините.

Отсуството на јасно утврдени критериуми за одобрување и плаќање на надоместокот за уредување на градежното земјиште на рати, различната пракса во обезбедувањето на побарувањата (банкарска гаранција и изјава на нотар) и нецелосното следење на наплатата, во 14 општини акумулирале ненаплатени побарувања во висина од 826.399 илјади денари, за периодот 2020-2024 година.
Со извршената анализа на податоците за остварените приходи по основ на даноци, такси и надоместоци утврдивме дека генерално руралните општини, со исклучок на општините: Петровец, Илинден и Чучер Сандево се со послаб фискален капацитет во однос на урбаните општини.
