
Девет лица загинаа вчера при пад на авион „Лирџет 60“ во станбено подрачје во близина на местото Крестхејвен на Флорида, соопшти американската Сојузна управа за воздухопловство (ФАА).
Авионот се урнал околу 12:50 часот по локално време, односно во 17:50 часот по Гринич. Сите што биле во авионот загинале, објави на социјалните мрежи американскиот министер за транспорт Шон Дафи, нарекувајќи ја несреќата „страшна трагедија“.
Авионот полетал од меѓународниот аеродром Остин-Бергстром во Тексас и летал кон аеродромот Норт Елутера на Бахамите, соопшти ФАА. Несреќата ја истражува Националниот одбор за безбедност во сообраќајот.