Интервју со Ида Мантон: Двостепеност во преговорите со Бугарија

Интервјуто со Ида Мантон - обучувач и научник во областа на преговори, медијација и решавање на конфликти го правеше Игор Стојанов

Симнување на ветото, почеток на европското скенирање во Сeверна Македонија, потоа елеминирање на разликите меѓу Софија и Скопје. – Неопходна е и европска медијација зашто македонската дипломатија настапува наивно и палијативно.

– Бучковски не е калибар за деликатни разговори, ќе ни треба цел и сестран тим од логистика на домашни и странски експерти.

Интервју со Ида Мантон – обучувач и научник во областа на преговори, медијација и решавање на конфликти

Трилинг: Се чини дека Бугарија е во слични изборно-политички кризи како и Северна Македонија. Дали, според вас македонската дипломатија постојано чека пасивно да се „наместат коцките“ кај соседите за да го решава проблемот, наместо проактивно и можеби самоиницијативно да бара решенија?

Мантон: Бугарија беше во политичка криза заради трите изборни циклуси во една година. Политичкото нивелирање на различни струи допрва ќе се оформува и тоа нема да е лесно. Сега Бугарија добива нов и поразличен политички чинител на врвот на државата, а Претседателот Румен Радев успеа да ги убеди граѓаните дека тој заслужува втор мандат. И таму и тука изборите се манифестација на длабоките политички проблеми. За жал во време на избори системите колабираат бидејќи сите одговорни лица наместо да си ја вршат задачата на која дошле по партиски пат влегуваат во улога на мобилизатори и стратези за победа на изборите бидејќи од резултатот им зависи дали ќе имаат работа или не и до кога. Немањето непартиски пристап и механизми за институциите да функционираат непречено кај нас се чини неостварливо. Со месеци се чека исходот од избори и во Бугарија и кај нас.

Во меѓувреме сите прифатиле дека пред и по избори никој не работи ништо. Кога би имале јавна администрација која не ја пополнуваат партиите туку на отворени и транспарентни конкурси најдобрите би ја добиле позицијата за која аплицираат, кога нивната позиција не би зависела од изборни резултати и кога изборите не би се сведувале на сé или ништо, политичките кризи би биле понезабележителни. Но, демократијата бара мобилизација на демосот и се темели на гласовите добиени (или изгубени) на избори и додека не најдеме нов изборен модел во кој политичарите нема да сметаат на гласовите на тие на кои им возвратиле за работа во кампањата со вработување во институциите и со лукративни понуди кои не смеат да ги нудат зашто не се нивни, дури и со закани  и непристојни предлози, ќе се вртиме во истиот магичен круг. Сличноста со Бугарија е дека често изборните победи не се освојуваат заради постигнати успеси или искрена поддршка на веродостојна опција, туку се одраз на гневот на граѓаните кои со својот глас казнуваат во недостиг на добра, чесна и квалитетна политичка понуда.

Но, сето ова не смее да биде калкулација во дипломатскиот пристап, посебно не за клучните национални прашања. Нашите позиции треба да ги градат професионални кадри чија вклученост не треба да зависи од партиите на власт или во опозиција. Не треба да ни ги снемува луѓето од тимот со секоја промена на власта. Но, проблемот на нашата дипломатија во однос на проблемот со Бугарија е уште поповршен. Ние немаме тимови, немаме назначено експерти, немаме ни идентификувано кои профили мораат да бидат дел од носечкиот тим, кои би биле потпорни сервиси, кои институции, личности и теми треба да се дел од една постојана структура во МНР која посветено и безрезервно ќе работи само на ова прашање и ќе ги координира сите надворешни соработници, та биле тие владини, невладини, консултанти, домашни, странски, платени или доброволни.

Македонското мото во последните 30-тина години е: „Ние немаме проблем, соседите имаат проблем“ де со нашето име, јазик, идентитет, историја итн. Во целиот овој период многу малку е направено за кога ќе дојде моментот на преговори ние да сме подготвени за сите возможни сценарија. Сé некако сме затечени и сé нешто не знаеме кој ќе прави што и кога. Коцките треба да се наместат, вистина, и често ние немаме моќ да влијаеме на состојбите кои следат, но кога ќе се наредат (вака или така) ние мора да имаме целосно подготвено сценарио и целиот тим да го следи со ист интензитет, со иста убеденост и со максимално искористени ресурси.

Ние немаме Амбасадор во Софија (иако на вебсајтот стои дека Марјан Ѓорчев е сеуште Амбасадор, а неговиот мандат чинам заврши во 2020), немаме преговарачки тим, немаме координатори на тимот кои би работеле на градење на нивните капацитети, следење на состојбите во двете држави и во медиумите, немаме многу основни структури, кадри и процеси. Згора на тоа заради коалициски преговори имаме клучни Министерства и институции кои не координираат, туку си поставуваат сопки и укажуваат на неспособноста на другите. Назначувањето на Бучковски ќе го прескокнам зашто не е вредно ни за споменување, а не па за анализирање.

Ние не сме ни приближно подготвени сами да бараме или нудиме решенија и затоа требаше барем да имаме доблест да побараме помош од супранационалните структури, што со аматерски билатерални договори и неподготвеност при преговорите и нив, нивните начела и вредности  ги загрозуваме и потценуваме.

Човештвото веќе речиси цел век се обидува да создаде систем на универзални и регионални вредности, а нашите неподготвени дипломати со штогоде спогодбички ги уриваат темелите на тој систем кога се сложуваат да се откажат од одредени права за да ги задоволат апетитите на гладните соседи. Затоа во преговорите со Бугарија мора да ги вклучиме чуварите на мултилатералниот систем – ООН, ОБСЕ, Совет на Европа, а посебно ЕУ, која е причина за сите овие воскреснати империјалистички пориви на земји кои се нејзини членки и бескрупулозно го злоупотребуваат тоа членство занемарувајќи ги опасностите кои ваквото однесување може да ги предизвика во рамките на Европската Унија. Но, за разлика од некои наши дипломати, јас не верувам дека решението треба да се бара во рамките на една платформа, туку мислам дека треба да имаме поагилна дипломатија која истовремено истите теми ќе ги актуелизира и во ООН, и во ОБСЕ и во Совет на Европа и во ЕУ и во НАТО, доколку темите соодветствуваат со тамошните форуми и состаноци.

Трилинг: Дали е вистински начин секогаш да се бараат медијатори во споровите кои ги имаме со соседите. Што би можело да помогне медијацијата, а што би можело да се решава билатерално според вас?

Мантон: Споровите кои ги имаме со соседите и асиметричноста на моќ во преговарачките процеси бара да има медијација не само заради тоа што ние сме обесправени туку затоа што потклекнувањето од наша страна ствара преседани со кои Европа не би требало да си ги отвора старите рани. Затоа Чешка и Словачка не се сложија со понудените концесии кои сегашната влада беше спремна да ги голтнеме. Се работи за европската безбедност и добросостојба, не само за како-така да нé протнат и некако да ги задоволат барањата на Грција и Бугарија. Иако медијацијата можеби не е лек за сé, во нашиот случај верувам дека е неопходна за да обезбеди гаранции дека ниедна страна нема да биде оштетена, дека ќе се темели на принципи и меѓународни стандарди и заложби, ќе ја исцрта рамката во која ќе се преговора и ќе понуди сеопфатен процес на помирување откако ќе потсети на веќе-постоечките обврски кои политичарите ги немаат добро исчитано. Некој мора да нé потсети на обврските кои како држави ги имаме и на документите со кои сме обврзани да работиме на мирно и конструктивно решавање на проблеми, взаемно почитување, самоопределување, малцински права како дел од човековите права. Тоа би била таа нормативна рамка во која преговорите се можни која ќе ги одреди темите и начините на кои ќе се преговара. Медијацијата ќе помогне во подобро запознавање со обврските и можностите, во воспоставување на конструктивен дијалог, во структуиран процес воден од експерти кои би го дизајнирале тој процес. Сето ова е веќе измислено и не мора да импровизираме затоа што импровизациите и обидите да се решат долговековни процеси на задна врата заради некои фиктивни “прозорци на можности“ се поштетни отколку што помагаат кога се изведуваат дилетантски и со кршење или замижување пред многу закони.  Сигурно ваквиот процес ќе биде погломазен, подолг и покомплексен, ама подобро е сериозно да ги разгледаме разликите во еден инклузивен процес отколку да избуткаме каквогоде решение со кое ќе се нанесе повеќе штета отколку решенија. Јас сум убедена дека ни е потребна меѓународна медијација и за тоа веќе имам и пишувано и зборувано и жал ми е што до сега немам чуено посериозни предлози од МНР за конкретни модели и медијатори кои тие би сакале да ги инволвираат. Можеби тие се обраќаат некому со вакви понуди, но јас, а и јавноста, за тоа немаме информација.

Трилинг: Дали преседанот со Преспа, тоа што билатерален спор се наметна како услов за влез во меѓународните организации, сега и дава право на Бугарија да го наметне како услов, а можно ли е да претставува опасност да го користат и други држави?

Мантон: Многу европски држави препознаваат дека бугарските барања се спротивни на меѓународните стандарди и европски вредности. Бугарските барања, пак, се темелат на преседанот од Преспа. Истите членки на ЕУ кои го славеа успехот постигнат во Преспа без да ги разгледаат деталите и последиците кои некои делови од тој договор може да ги имаат, иако со задоцнување, сепак  ја согледаа краткорочноста на пристапот „решете си ги сами проблемите пред да нѝ се придружите во Унијата“ во случаи кога барањата на нивни членки се ирационални. Бугарските барања, но повеќе несмасноста и нетактичноста со која беа искомуницирани, разбудија многу европски лидери кои сега имаат поинакви ставови и политики во однос на идентитески прашања. Доколку бугарските барања се прифатат и легитимизираат од страна на ЕУ, како што беше случајот со Преспа, возможно е да не се задржат само на уценување во фазата на предпристапни преговори, туку лесно да мигрираат, дури и да мутираат, како опасна преговарачка карта во внатрешни преговори меѓу земјите членки. Затоа централноевропските држави изразија сериозна загриженост во декември минатата година кога Комисијата поднесе нацрт документ кој не се усвои бидејќи Чешка и Словачка во него препознаа елементи на „ фалсификување на историјата кои би биле штетни по процесот на проширување и би донеле дополнителни компликации во иднина“.[1]

Да, преседанот со Преспа многу лежерно се претстави како успех и без штедење се делеа комплименти и награди без критичност и резерва. Сите сакавме да го решиме прашањето, ама не по секоја цена. Бугарија сакаше да ја искористи отворената врата низ која сакаа да протнат слични барања на оние кои Грција ги постигна со Преспанскиот договор. Тој договор и ја сервираше на Бугарија можноста да ги комплетира напорите за да се убеди себеси, нас и целиот свет дека ние сме истиот народ кој заради една несреќна епизода со Југославија сега зборува малку поразлично, но не доволно тоа да се нараче јазик и дека историјата ни е заедничка или поточно позајмена. Бугарија се прецени кога мислеше дека ја има истата сила, геостратешка позиција и почит меѓу земјите членки на ЕУ како Грција, но од друга страна некоректно е дека за слични барања Грција доби поддршка од ЕУ. Да потсетам, во тоа време ЕУ се дистанцираше од преговорите и советуваше Македонија и Грција сами да изнајдат решение (знаејќи дека единствено билатерално решение беше Македонија да ги прифати барањата на Грција ако сака да отпочне преговори за членство), а во случајот со Бугарија се вклучи цела дипломатска машинерија која бара поинаков исход. Бугарија и нејзините неразумни барања го ставаат под прашалник Преспанскиот договор. Кога јас би била Бугарија јас би се чувствувала дискриминирано и би била многу навредена дека нејзините Европски партнери ја поддржуваат Грција, а за слични барања ја прекоруваат Бугарија. Кога би била Грција, би се плашела дека инаетливите позиции на Бугарија би покренале подлабоко испитување на она што ние моравме да го голтнеме како горчливо апче со текстот на Преспанскиот договор. Но, ако ЕУ сака да се заштити од преседан кој може многу лесно да го злоупотребат некои нејзини непримерни членки, неопходно е земјите членки на ЕУ да ги одбијат барањата на Бугарија зашто ако не ги одбијат тоа ги легитимизира. Таквиот преседан тешко ќе може да се спречи кога некоја популистичка политичка опција ќе ги копира во некоја следна интерна ЕУ криза или преговарачки ќорсокак (буџет, миграции, пакет на солидарност) во фазата на ескалирање пред да прифатат компромис. Веројатно е, по линија на послаб отпор, ЕУ да не сака длабински да го раслои овој јазол и да проба повторно некои краткорочни и избрзани решенија, но ние не би смееле да се сложиме повторно да го гледаме истото сценарио. За да не биде ад хок и да не е во последните минути пред да истече некој рок, подготовките за следнава фаза требаше да почнат завчера, а тие не се ни на повидок.

Трилинг: Македонија сега е на раб на политичка криза. Ова веројатно ќе го забави процесот. Има ли начин да се избегне сериозни забавувања во процесите на решавање на проблемите секогаш кога сме во избори или во политички кризи?

Мантон: Политичката криза во Македонија не е само во изборниот период. Ние сме во многу подлабока политичка криза која води кон се подлабоки поделби на етничка основа, партиска, религиозна, лингвистичка, културолошка и идеолошка. Оваа состојба на постојано демнење на возможни немири или бојкот на некои процеси не се одлики на функционална демократија.

Процесот на решавање на различните гледишта со Бугарија треба да е постепен, не треба да се брза. Она што треба да се побрза е започнувањето на преговорите со ЕУ. Тоа што Бугарија инсистира тоа да бидат два споени процеси е повторно последица од Преспа, или поточно од ставот кој пред Преспа ЕУ го заземаше без да предвиди каде сé може да се злоупотреби невмешувањето на ЕУ во решавање на прашања кои во нејзино име ги компликуваат некои земји членки.

Процесот кој би водел кон надминување на разликите со Бугарија може да е поедноставен со новата влада во Софија, барем по првичните изјави на Петков и Василев, но тој треба да го откочиме само ако Бугарија го крене ветото и покаже дека искрено посакува да влеземе во ЕУ, како што тврди, а за возврат ние треба да се сложиме на еден принципиелен процес на преговори кој би бил воден од тим на стручни меѓународни посредници и експерти кои ќе го олеснат дијалогот и ќе бидат гарантори дека со сета стручност ќе ги покренат прашањата кои се испречени пред овие два соседи. Ваквото долгорочно решавање бара креирање на експертски дипломатски структури во кои бранувањето околу избори нема да има тектонска сила, а работата ќе си тече и кога ќе има пауза во средбите, зашто баш тоа време е драгоцено за подготовки и стратешко планирање на следните чекори. Затоа, за да се надминат пречките  кои креираат политичка несигурност мора да се создадат квалификувани преговарачки тимови на двете страни.

Трилинг: Премиерот јавно поднесе оставка, но се уште нема официјално поднесување на оставките. Колку ваквите потези дома ја нарушуваат меѓународната позиција на Македонија и дали можеме да извлечеме некаква корист од тоа?

Мантон: Зоран Заев ги измеша локалните избори со теми кои требаше да бидат дел од парламентарни избори и самиот увиде дека неговата партија под негово водство успеа да ја изгуби подршката која граѓанството им ја даде на претходните избори и со нивните неуспешни политики ѝ донесе победа на опозицијата. Ова не ја нарушува нашата позиција во меѓународните форуми поинаку или поразлично од постојаните дипломатски гафови и кадровски решенија кои се често не само непрофесионални, туку и криминогени. Ние во моментов имаме дипломат во затвор во Србија, а непосредно пред притворањето го назначивме да биде дел од Делегацијата при ОБСЕ (Организација за безбедност и соработка во Европа) во текот на подготовките со нашето претседателствување со Организацијата во 2023. Настрана од ваквите екстремни случаи, нашата позиција е нарушена кога сме неподготвени, неекипирани и надвор од главните светски дискусии. Ние сме мала држава, но не можеме да градиме меѓународна позиција очекувајќи други да ни ги решат проблемите и чекајќи постојано некој да не искара па да преземеме мерки. За да си ја завршиме домашната задача, веќе зададена со Заедничката Агенда и 17-те цели за оддржлив развој на Обединетите нации, со заложбите на ОБСЕ, со Конвенциите и документите на Советот на Европа и пред сé со европското законодавство (acquis), ќе мора да смогнеме сили да не ни бидат водилка партиските превирања и да се издигнеме над личните и партиски интереси. Проблемот не е што Заев останал или си отишол, што ветил па се пишманил, проблемот е што имаме партизирани институции, нефункционална јавна администрација и недигитализирано општество. Од внатре мора да се реформираме, а ние во времето на претходната влада ја заробивме државата, а во времето на оваа влада се убедуваме дека проблемот со евроинтеграциите е во соседите и лажните ветувања. Да завршам, мислам дека недостасува саморефлексија, евалуација, стратешки пристап кон вклучување во светските текови, интелектуална наобразба и тимска работа. Кога ќе почнеме посветски да размислуваме и да се надградуваме ќе видиме промени, ќе видиме корист како што велите, но пред сé дома, а тоа ќе се рефлектира и во нашите меѓународни односи.

Трилинг: Вие сте експерт за меѓународни преговори. За да им биде појасно на граѓаните, кои се клучните капацитети за една држава да биде во подобра преговарачка позиција. Дали се уште оружјето ја игра клучната улога или пак нешто друго и колку Македонија ги поседува овие преговарачки капацитети?

Мантон: Секој преговарачки процес е различен. Секој процес зависи од тоа како ќе биде осмислен, испланиран и изведен. Добрите преговарачи подготвуваат сé, до најмал детаљ, за да не бидат изненадени на преговарачката маса, а тие подготовки вклучуваат мапирање на тимот од другата страна, импакт на секој од возможните исходи и кој сé би бил затекнат, ростер од потенцијални експерти за различни теми, обуки и симулации, претпоставки за реакциите и понудите од другата страна, тактики, психолошки профили, алтернативни избори во случај да се оперира на неколку локации и нивоа…ова е само дел од тоа што подготовките треба да содржат. За да бидете во добра позиција треба да влијаете на состојбите на тој начин што ќе створите услови кои ќе ви донесат победа, да го парафразирам Сун Цу. Современите држави имаат различни капацитети и мудроста е тие да соодветствуваат со потребите и предизвиците. Нашето оружје треба да бидат вешти и искусни преговарачи, Министерство водено од луѓе кои имаат сериозни познавања од политичка философија и меѓународни односи, а не партиски кадри кои се одлични за кој и да е сектор заради послушноста, а не стручноста, како и поставени платформи за градење дипломатски капацитети независно од политичките прераспределби и превирања. Јас предавам на дипломатски академии и гледам со каква сериозност се градат некои дипломатски служби, што кај нас не е случај. Се надевам сакате со шега да го завршиме интервјуто кога зборувате за клучна улога на оружје зашто јас навистина не би навлегувала во воената моќ на нашата држава, а како проучувач на преговарачки процеси секако верувам во превенција на конфликти и решенија постигнати на преговарачка маса. Бидејќи немаме воени капацитети за да станеме релевантен фактор потребно е да имаме интелектуална мудрост и вештини со кои ќе градиме дипломатски односи преку достоинствен дијалог при тоа почитувајќи ги веќе договорените заложби, Конвенции и Повелби кои сме ги потпишале и кои осцилираат над нашите национални и регионални законски рамки. Македонија има сериозен дефицит во преговарачките капацитети и има ургентна потреба од консолидирање на кадри кои самостојно се градат некаде надвор знаејќи дека за нив нема место дома ако не се зачленат во партија. Јас верувам дека имаме луѓе, ама за жал бродот ни го водат неподготвени капетани, а сигурна сум дека со поинаков пристап можеме да изградиме експертски тимови на кои мора да им се нуди опцијата за постојан професионален развој и инспиративна работна средина. Дипломатите треба да сакаат да одат на мисии на кои ќе се борат за нашите позиции, да им се слуша зборот во матичната институција, да им се даде можност да изградат и одбранат став, да им го отворите патот за соработка со научната фела за да имаат постојани консултации. Многу работи мора да се сменат за нашите дипломати да се чувствуваат горди и мотивирани да го дадат својот максимум, а долго време се занимаваат со многу профани и банални работи, наместо со професионална и лична надградба.