
Претседателот на ДУИ Али Ахмети во својот говор на изборното собрание на партијата во Бутел зборуваше и за протестите во Албанија. Ахмети рече дека „непријателите на нацијата се обидуваат да создадат несигурност“. Според него, овие протести ја погодуваат најголемата индустрија во Албанија – туризмот. Ахмети рече дека првата кампања за „Фламинго револуцијата“ дошла од Грција, бидејќи бил загрозен тамошниот туризам.
„Има некои настани, случувања и во Албанија. Тоа е земја каде што ни помогнаа. Албанија го засолни Косово. Албанија е неразделен дел од слободата на Косово. Без помошта, без средствата на Албанија, Косово не би било Косово какво што е денес. Затоа, со болка ги следиме работите. Гледаме дека тука Албанија, од овие протести кои не знаат каде им е главата, трпи два удара. Силни удари.
Главната индустрија на Албанија е туризмот. Од каде дојде првата кампања? Од Грција, бидејќи туризмот е загрозен од Албанија, тој е загрозен во Грција. Соседна земја не треба да размислува вака за својот сосед, но еве што се случи, првата изјава и првите реакции дојдоа од Грција. Кој стана првиот портпарол на оваа кампања? Во Белград? Истиот оној што води кампања за протестите во Србија води кампања за протестите во Албанија“, рече Ахмети.
Тој нагласи дека не го брани Еди Рама туку дека ја „брани Албанија, а Албанија страда. Таа е погодена“.
Според Ахмети непријателите на албанската нација сакале да создадат несигурност во Албанија? Тие што протестираат „паднале во стапицата на непријателите, без добро да ги анализираат и проучат последиците што ги предизвикуваат врз нацијата, не само во Албанија, туку и пошироко“, рече Ахмети.