Груби: Оставката на Заев во Владата треба да почека

„ДУИ ќе ја почитува внатрепартиската одлука на СДСМ за избор на нов претседател кој е најавен дека ќе биде избран на 12 декември. Ние ќе ја почитуваме таа одлука и ќе го прифатиме секако вердиктот на сите нивни членови коишто ќе одлучат кој ќе биде нивниот следен лидер на 12 декември. Во однос на оставката на местото премиер на Владата на Република Северна Македонија сметаме дека за тоа треба да се почека. Имаме многу битни прашања пред нас во месеците коишто следат и сметаме дека заедно со г. Заев на чело на таа Влада ќе треба да ги заокружиме сите тие процеси, вклучително и испраќање на позитивен одговор на сите прашања коишто се дел од дијалогот со соседна Бугарија за да се откочи патот кон добивање на датум за првата меѓувладина конференција и отпочнување на преговори за членството во ЕУ“ – ова денеска го изјави првиот вицепремиер Артан Груби, кој заедно со европратеникот Илхан  Ќучук  го посетија ОУ „Исмаил Ќемали“ во скопски Чаир.

Во однос на парламентарното мнозинство, Груби рече дека тоа е стабилно.

„Ги убедивме граѓаните дека е неуспешна иницијативата на опозицијата за да се сруши ова прогресивно парламентарно мнозинство и очекувме дека и другите политички партии коишто беа дел од таа иницијатива да се приклучат кон парламентарното мнозинство и да не станат дел од мрачни сценарија за нашата земја која што очекува да го реши спорот со Бугарија“ – наведе Груби.

Најави и дополнителна стабилизација на парламентарното мнозинство.

„Предвремени избори можеби може да се дискутираат заедно со претседателските избори коишто треба да се одржат во 2024 во месец април или мај. Ние сме подготвени да ги прифатиме сите тие демократски сили во Собранието коишто ја посакуваат, работат и се залагаат за евроатлантска Република Северна македонија. Сметам дека тоа треба да е поривот некој да дојде во влада или да прифатиме некој да дојде во влада. Програмските определби, позициите се всушност за да им служат на граѓаните и да ги најдеме најдобрите луѓе, одговорни луѓе за да го испорачаат тој дел од програмата којшто ќе го усогласиме“ категоричен е Груби.