
Гори меѓу Фетије и Анталија – затворен автопатот
Шумски пожар што избувна во турската покраина Мугла предизвика евакуација на населението и ги принуди властите да го затворат автопатот помеѓу Фетије и Анталија поради густ чад што се ширеше низ областа.
Шумски пожар што избувна во турската покраина Мугла предизвика евакуација на населението и ги принуди властите да го затворат автопатот помеѓу Фетије и Анталија поради густ чад што се ширеше низ областа.
Пожарот избувнал наутро на земјоделско земјиште во округот Сејдикемер, а силните ветрови набрзо го прошириле на блиската шумска област.
Во гаснењето учествуваат речиси 400 пожарникари и членови на службите за итни случаи, со поддршка на пет противпожарни авиони, 12 хеликоптери и бројна копнена механизација, објави Канцеларијата на гувернерот на покраината Мугла.
Како превентивна мерка, 65 жители од 43 куќи во близина на пожарот беа евакуирани. Поради ризикот од ширење на пожарот, евакуирани се и одделенијата за интензивна нега и палијативна нега на Државната болница Сејдикемер, која се наоѓа на околу 2,5 километри од зоната на пожарот.
Автопатот Анталија-Сејдикемер исто така беше затворен поради пожарот и густиот чад, а надлежните служби ги повикаа граѓаните да бидат внимателни и да ја избегнуваат областа додека трае интервенцијата.
Пожарникарите сè уште интензивно се борат со пожарот, а високите температури и силните ветрови ја влошуваат ситуацијата, објавува Бианет.