Голем пожар беснее над Сараево, гори Требевиќ евакуирани и работници
Од спасувачката служба предупредуваат дека пожарот има сериозни размери и апелираат граѓаните да не се упатуваат кон врвот на Требевиќ и кон подрачјата зафатени со огнот, за да не ја попречуваат работата на пожарникарите и другите итни служби.
Голем пожар повторно се разгорел на планината Требевиќ над Сараево, а поради опасноста од огнената стихија бил евакуиран еден работник кој се наоѓал кај телевизискиот и комуникацискиот столб на врвот на планината.
Припадниците на Горската спасувачка служба од Источен Стар Град биле испратени на терен откако добиле информација дека работниците ангажирани на одржување на столбот се загрозени од пожарот. Еден од нив успешно бил евакуиран од опасната зона.
Од спасувачката служба предупредуваат дека пожарот има сериозни размери и апелираат граѓаните да не се упатуваат кон врвот на Требевиќ и кон подрачјата зафатени со огнот, за да не ја попречуваат работата на пожарникарите и другите итни служби.
Пожарот на Требевиќ трае веќе шести ден, со периоди на смирување и повторно разгорување. Првиот поголем пожар избувнал минатата недела на западната страна на планината, зад репетиторот, во густо пошумено и тешко пристапно подрачје.
Пожарникарите во изминатите денови успевале да локализираат делови од пожарот, но огнот повторно се активирал. Дополнителен проблем претставува фактот што пожарот на одредени места гори и под земја, поради што целосното гаснење е особено тешко.
Теренот е исклучително непристапен, што дополнително им ја отежнува работата на пожарникарите. На снимките направени во текот на ноќта се гледа долга огнена линија на врвот на планината, проследена со густ чад.
Засега нема информации за повредени лица. Причината за избувнувањето на пожарот не е позната.