
Директорката на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Ивана Гиновска, на денешната прес-конференција во Владата информира за деталите од теренскиот увид поврзан со појавата на епидемија во Гостиварско.
Хронолошки раскажувајќи за случајот, рече оти по барање на Основното јавно обвинителство Гостивар, инспекторите на ДИЖС на 16 јули извршиле вонреден вечерен увид во координација со крим-полицијата, Агенцијата за храна и ветеринарство, центрите за јавно здравје од Скопје и Тетово, како и претставник на ЈП „Комуналец“. Теренскиот увид покажал дека дивиот приклучок се наоѓа на 800-900 метри оддалеченост од главниот цевковод кој ја снабдува општината со вода за пиење, при што било утврдено дека водата се зафаќала од водно тело кое гравитира во постојан отворен канал и не е опфатено во дозволата која Министерството за животна средина му ја издало на гостиварското комунално претпријатие.
„Согласно дозволата која е издадена од Министерството за животна средина, за секоја измена што планира да ја направи јавното комунално претпријатие Гостивар или кое било јавно комунално претпријатие, треба првин да поднесе барање до Управата за животна средина, Сектор води. Тие да го разгледаат тоа и да дадат или одобрение или одбивање, затоа што се работи за цевковод кој служи нели за вода за пиење, тука треба станува збор за исклучително санитарни услови. Такво барање, ние во Министерството цело време сме координирани, до денес не е пристигнато“, рече таа.
Одговарајќи на новинарски прашања за квалитетот на водата и одговорноста, Гиновска рече оти ДИЖС нема законска надлежност да ја контролира безбедноста на водата за пиење што се испорачува до граѓаните, туку тоа е задача на други институции.
Целосниот записник од увидот на ДИЖС е предаден на Јавното обвинителство во Гостивар, а директорката кажа и дека при инспекцискиот надзор екипите немале никакви проблеми ниту притисоци на терен, со оглед на присуството на полицијата.
„Навистина не би сакала да прејудицирам, како што ви кажав водата за пиење воопшто не е наша надлежност и не би сакала да давам изјави, сепак е сензитивна тема. Како што размислувате сите вие, сите граѓани, така размислувам и јас, дека безбедноста на граѓаните е загрозена, да не прејудицираме натаму што би се случувало“, изјави таа.