Вучиќ: Сега притисокот врз Србија ќе е поголем од кога било претходно

Александар Вучиќ – претседателот на Србија за тв Пинк изјави дека сега, по одлуката на рускиот претседател Владимир Путин за признавање на двете самопрогласени републики во источна Украина, Доњецк и Луганск, позицијата на Србија не е лесна и дека ја доведува во ситуација кога има бројни предизвици, како и дека се почнати притисоци за воведување на санкции кон Русија. Вучиќ смета дека притисокот врз Србија по одлуката на Путин ќе биде многу поголем од кога било, дека тоа ќе ја урне целата безбедносна архитектура на светот и дека „никој не може да знае кој како ќе се однесува и кој што ќе прави“.

„Сè што знаевме вчера, денеска веќе не постои“ – изјави Вучиќ.

Тој истакна дека е загрижен за ситуацијата во Русија и Украина и дека позицијата на Србија не е воопшто лесна.

„Сè што се случи денеска ја доведе Србија до бројни предизвици, како што се економски, политички и многу други“ – кажа Вучиќ.

За Србија, според него, е важно што во однос на политичката и безбедносната архитектура „нашата посветеност на мирот мора да биде силна, а нашата сила на одвраќање уште посилна“.

Оцени дека медиумите во Србија се „пристрасни“ и дека 80 отсто од нив се на руска страна.

Српскиот претседател изјави дека веќе почнал притисокот врз Србија да воведе санкции кон Русија.