Изразувајќи сочувство до семејствата на настраданите во двата масакри во Србија, претседателот Александар Вучиќ го започна своето вечерашно гостување на јавниот сервис, по што продолжи да зборува за мерките што ги донесе Владата.
„Сè уште не ги донесовме сите мерки. Морате да бидете со својот народ и кога е најтешко. Секако дека на семејствата им е најтешко и никогаш нема да го преболат ова. Но, ние мораме, не заборавајќи никогаш на трагедиите и на жртвите, да продолжиме да размислуваме како тоа никогаш да не се повтори“ – рече Вучиќ.
Тој потсети дека по првиот масакр во основното училиште во Белград напоменал оти се плаши од копирање на ова злосторство.
„Сега имам такви трауми, што се плашам секој ден. Приведувања колку сакате, не само деца, туку и возрасни“, рече Вучиќ.
Мерките што ќе се преземат, нагласи тој, суштински ќе го променат општество.
„Како што беше случај и во Германија кога поранешен гимназијалец уби 19 луѓе, тие тогаш секој ден имаа кампања, но и како општество сите заедно донесоа нови мерки и вчера или завчера донесоа нов закон за социјалните мрежи за сите оние што користат говор на омраза на нив. Казните се неверојатни, и тоа и за провајдерите кои не ги отстрануваат тие содржини“, посочи Вучиќ.
Потоа, се осврна на акцијата за предавање на нелегалното оружје што го поседуваат граѓаните во Србија, што почнува утре, и нагласи дека очекуваат да соберат милион куршуми.
„Ние од утре го одземаме нелегалното оружје. Имате време од еден месец да го донесете без никакви последици, само го оставате. Ги молам луѓето да го донесат и да го остават во полициска станица. Очекуваме одговорност и дека на таков начин ќе собереме милион куршуми. Некои животи ќе бидат сочувани и на ваков начин“ – рече српскиот претседател.