Вселенско летало удри во астероид, па го смени неговиот правец

Вселенското летало ДАРТ успешно удри во астероид, предизвикувајќи тој да скршне од својот пат. Ова се смета за историска мисија, бидејќи тоа е „првиот планетарен тест за одбрана“ на Земјата од потенцијален удар.

Последните моменти пред сударот ги снимила камерата на леталото, а последната слика е направена две секунди пред ударот.

„Судирот на ДАРТ со Диморфос речиси сигурно го променил текот на астероидот, имајќи ги предвид основните закони на физиката за зачувување на енергијата и моментумот. Ако орбитата на Диморфос околу поголемиот астероид Дидимос не се промени, тогаш Њутновите закони ќе бидат прекршени. За прв пат во историјата испративме вселенско летало и тоа се судри со астероид на седум милиони километри од Земјата“ – соопштија од НАСА.

„Човештвото влезе во ново доба, доба во која потенцијално имаме способност да се заштитиме од опасностите што ги претставуваат астероидите. Прекрасно“ – изјави една од шефовите на НАСА, Лори Глејз.

Целта на мисијата е да се заштити Земјата од потенцијален судир со НЕО – што е име дадено на објект блиску до Земјата – астероид или комета – што би можел да се приближи кон орбитата.

Во 2016 година, НАСА ја основа Канцеларијата за координација за планетарна одбрана (PDCO) за рано откривање на заканата од големи НЕО – најмалку 30 до 50 метри – кои би можеле да ја оштетат површината на Земјата и да ги следат траекториите на овие објекти.

Астрономите моментално не знаат дали Земјата е загрозена од НЕО, но познато е дека астероид оставил огромен кратер на мексиканскиот полуостров Јукатан пред околу 66 милиони години и можеби го предизвикал изумирањето на диносаурусите.

Вселенското летало ДАРТ е тешко 610 килограми и димензии 1,8 х 2,6 метри, а беше лансирано во ноември 2021 година од Калифорнија со ракетата Фалкон 9 на Спејс Екс.

Диморфос е со дијаметар од околу 160 метри и е како месечина која орбитира околу поголемиот астероид Дидимос.